Министерот за поморство на Грција, Фотис Кувелис, смета дека со Договорот од Преспа се отвораат можности за соработка за пристаништето во Солун.
Кувелис во изјава за грчката новинска агенција АНА- МПА, вели дека „пристаништето не треба да гледа само кон морето, туку да гледа и кон градот и кон поширокиот регион”, јави дописничката на МИА од Атина.
– Договорот од Преспа навистина отвора можности за да постои таа соработка со конкретен економски резултат, што многу позитивно го опфаќа целокупното прашање на развој за пристаништето и регионот, вели Кувелис, одговарајќи на прашањето на АНА-МПА за перспективите што ги отвора договорот меѓу Северна Македонија и Грција.