Левица: Власта да одговори дали поединци блиски до градоначалникот Беџети незаконски градат на Матка

Институционалниот молк за дивоградбите во заштитеното подрачје Матка уште еднаш потврди дека функционерите на ДУИ единствено работат за своите криминални цели, на штета на јавното добро и интересите на сите граѓани, велат од Левицата.

„Директорот на Државниот градежен инспекторат, Локман Љимани, сѐ уште одбива да се обрати до јавноста кога оваа институција се прогласи ненадлежна за градењето на Матка, иако членовите 145 и 149 од Законот за градењето предвидуваат во случај на непостапување на Општината, Државниот градежен инспекторат да ги презема сите надлежности. Градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети, по три недели медиумски притисок, потврди дека постојат дивоградби во заштитеното подрачје Матка, меѓутоа не даде никаква најава за санкционирање на градежното дивеење и уништувањето на природата, кое со години е толерирано од страна на власта“, велат од партијата.

Од таму велат дека до нив пристигнале информации оти поединците што нелегално градат на Матка се лица блиски до градоначалникот Блерим Беџети и владејачката ДУИ,ѓ поради што уживаат посебна заштита на недопирливост, со оглед на фактот дека 39 институции кои се надлежни за заштитата на кањонот Матка не презедоа никакакви механизми за откривање на локалните моќници кои го уништуваат автентичниот изглед на ова заштитено подрачје.

„Јавно го прашуваме градоначалникот Беџети дали се точни информациите дека негови блиски лица незаконски градат во Матка и дали најавите за легализација претставуваат уште еден обид да се заштитат поединци блиски до ДУИ? Истовремено, бараме сите надлежни органи да постапат координирано во рамките на своите законски надлежности користејќи ги сите механизми што им стојат на располагање за да се спречи неказнетото градежно дивеење и уништувањето на едно од нашите најстари природни богатства“, велат од Левицата.

Противправното градење на бизнисмените блиски до функционерите на власт, додаваат од таму, континуирано се штити и легализира, со што тие директно се ставаат во привилегирана положба во однос на обичниот граѓанин, кој секојдневно ги намирува своите законски обврски и давачки кон државата.

„Оваа владејачка коалиција повеќепати се стави во заштита на интересот за профит на поединци преку најавите за легализација на дивоизградени објекти во заштитени подрачја за што сведочи и изјавата на премиерот Зоран Заев за легализација на хотелот во Лагадин, кој прекршува дури дванаесет закони. Ваквите штетни бизнис-ориентирани политики на најголемите владејачки партии директно го поттикнуваат непоправливото уништување на националните природни богатства поради што најбескрупулозно се загрозува основното човеково право на здрава животна средина поради интересите на политичките и економските елити“, се вели во соопштението.

Треба да знаете
Последни објави