Француската министерка за европски прашања Натали Лоазо изјави дека „Европската унија можеби не вложила доволно во постигнување мир на Балканот”.
-Тоа треба да биде еден од нашите приоритети. Затоа што кога страните се оставени сами, преговорите се замрзнуваат. Одлуката на Косово да наметне зголемување на таксите од 100 отсто за српските производи е страшна за преговорите, истакна Лоазо во интервју за францускиот весник „Кроа “, одговарајќи на прашањето дали е неуспех на ЕУ тоа што застана дијалогот помеѓу Белград и Приштина.
Прашана дали ги дели стравувањата дека размената на територии ќе доведе до продолжување на етничкото чистење од војната, француската министерка нагласи дека „странските земји не треба да одлучуваат за условите за решавање на спорот”.
– Ние не фиксираме „априори” црвени линии наместо двете страни. Оставањето отворена рана, каква што е Косово, не е решение. На балканските земји е да ги решат несогласувањата. Ако се појави решение што е прифатливо за Белград и Приштина, а кое по својата природа му дава приоритет на мирот, тогаш, кои сме ние да кажуваме дека тоа не е мир каков што сакаме. Под услов да се гарантира стабилноста на регионот, а особено интегритетот на Босна и Херцеговина, оцени Лоазо..
На прашањето каква е улогата на Франција на Балканот, таа наведе дека земјата „била многу присутна за време на конфликтите и по нив, за потоа да се оддалечи од Балканот”.
– Бевме изненадени кога откривме во 2017 година дека во тој момент регионот (Балканот) претставува мртов агол на француската дипломатија … Ние сме подготвени повторно да инвестираме на Балканот. А постои и желба за Франција во тој регион. Претседателот (Емануел) Макрон ќе оди во Србија оваа година. Потпишавме договор за воспоставување Француска агенција за развој во Белград, која треба да го покрие целиот регион. Но, претходно, Србија ќе мора да се тргне од „сивата листа” на ФАТФ (Оперативна група за финансиски акции – меѓувладина организација за борба против перење пари), изјави француската министерка.