Актерот Лук Пери, кој е најпознат по улогата на Дилан во популарната серија од 90-тите, „Беверли Хилс“, почина на 52-годишна возраст од мозочен удар.
ТМЗ објави дека Лук Пери умрел утринава во болница во Калифорнија. Тој минатата недела беше хоспитализиран поради мозочен удар.
Неговиот агент ја потврдил тажната вест и рекол дека Лук бил опкружен со семејството кога починал.
„Актерот Лук Пери (52) почина денеска од мозочен удар. Со него беа неговите деца Џек и Софи, неговата свршеница Венди Медисон Бауер, неговата поранешна сопруга Мини Шарп, неговата мајка Ен Менет, неговиот очув Стив Бенет, брат му Том Пери, сестра му Ејми Кодер и други блиски членови на семејството и пријатели. Семејството ја цени поддршката и молитвите за Лук од целиот свет и со почит бара приватност во ова време на големо жалење. Во овој момент нема да бидат објавени дополнителни детали“, се вели во соопштението на неговиот агент.
Лук Пери беше хоспитализиран еден ден по потврдата дека ќе се снима продолжение на „Беверли Хилс“ со старата актерска екипа.