Вицепремиерите за економски и за европски прашања, д-р Кочо Анѓушев и д-р Бујар Османи се сретнаа со Н.Е. Филип Рикер, идниот американски помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања, кој во моментов ја извршува функцијата цивилен заменик и политички советник на командантот на Европската команда на воените сили на САД, а во период од 2008-2011 година ја извршуваше функцијата на Амбасадор на САД во Скопје.
На средбата беа отворени темите за актуелниот политички контекст во кој се наоѓа Република Северна Македонија, особено по успешното имплементирање на Договорот од Преспа, како и останатиот напредок на земјата во отстранувањето на пречките за напредок во европските и евроатлантските интеграции, со особен фокус на економските перспективи на земјата.
„За само 20 месеци успеавме да ги затвориме практично сите отворени прашања со соседите, да го финализираме легислативниот дел од Охридскиот рамковен договор, притоа, во ниту еден момент не напуштајќи ја и реформската агенда за враќање на земјата на европскиот пат“, истакна Османи на средбата, презентирајќи ги притоа резултатите од имплементацијата на реформите од Планот 18, во пресрет на претстојниот извештај на Европската Комисија, како и на јунските самити на Европскиот Совет.
„Протоколот од НАТО го отвори патот за нашето членство во евроатланската алијанса, и согласно динамиката на ратификацијата, јас сум оптимист дека до крајот на годината Република Северна Македонија ќе стане полноправна членка на алијансата“, истакна Османи, потенцирајќи дека сличен напредок очекува и во европските интеграции, почнувајќи ги преговорите за полноправно членство со ЕУ оваа година.
Вицепремиерот Анѓушев говореше за потенцијалите на земјава од овој политички напредок, правејќи осврт и врз потенцијалите на т.н. „Конективити“ агенда на Берлинскиот процес, очекуваниот инфраструктурен инвестициски бран, како и потенцијалите од најавените странски инвестиции.
„Перспективното отворање на преговори со ЕУ, а особено членството на Република Северна Македонија во НАТО, даваат стабилност и сигурност на земјата, што е силно охрабрување за домашните и странски инвеститори. Во 2018 година, сведоци сме на рекордно ниво на странски директни инвестиции од над 624 милиони евра, додека Владата дополнително овозможи поддршка на околу 250 компании преку мерките од Планот за економски раст. Тоа значи дека станавме атрактивна дестинација за реномираните странски компании, но и за проширување на деловните активности на домашните компании, а позитивниот политички контекст ни дава за право да веруваме дека и во наредните години резултатите ќе бидат позитивни. Работиме на создавање на стабилни партнерства со соседните земји, преку меѓусебно инфраструктурно поврзување. Поддршката од САД е особено значајна, и на политичко и на економско ниво. Станува збор за земја-стратешки партнер на Северна Македонија, која даде недвосмислена поддршка за реформите, за што сме вистински благодарни“, кажа вицепремиерот за време на средбата со Рикер.
Рикер ги поздрави реформските процеси во Република Северна Македонија, притоа нагласи дека со потпишување на договорот од Преспа и договорот за добрососедство со Република Бугарија, се надминуваат сите отворени политички прашања за земјата и дека со тоа се фаќа вистински правец за реализација на евро-атлантските аспирации.