Книгоиздателството МИ-АН во соработка со Културно-информативниот центар-Скопје вечер ќе промовира две лингвистички изданија – „Прилози за македонската глаголска префиксација – традиција и континуитет” на Наталија Андријевска и „Јазикот и стварноста” на Бобан Карапејовски.
Книгата на Андријевска, која ќе ја претстават промоторите Димитар Пандев и Катица Трајковска, е придонес во проучувањето на историското зборообразување на македонскиот јазик, а трудот на Карапејовски, како што посочува издавачот, е значаен прилог во проучувањето на заменските клитики кои се меѓу особеностите на македонскиот јазик. Неговата книга ќе ја промовираат Марјан Марковиќ и Емилија Црвенковска.
-Според специфичната употреба на заменските клитики, македонскиот јазик се изделува – како во рамките на словенското јазично семејство, така и во рамките на балканскиот јазичен сојуз, и поради тоа е важно еден ваков труд да биде достапен и за домашната, и за странската научна јавност. Трудот е поткрепен со теориски пристап, а илустриран со примери од македонската литература и од живиот јазик, наведува МИ-АН.
Двете книги ќе бидат промовирани во Салон 19,19 во КИЦ со почеток во 19.19 часот.