Механизација денеска влезе во дирекцијата на АГП „Трудбеник” во Охрид и почна со иселување на недвижностите од локацијата врз која моментно сопственичко право има туристичката агенција „Фибула Ер Травел”.
Извршувањето според новиот сопственик е сосема законско бидејќи тие поседуваат имотен лист за локацијата од некаде 20 илјади метри квадратни каде некогаш се наоѓаше дирекцијата на „Трудбеник”.
-Извршувањето се спроведува врз основа на правосилна пресуда. „Фибила Ер Травел” имотот го има купено во 2011 година, девет години се обидуваме имотот да го пренесеме во владеење на сопственикот за да почне да се гради. Оставениот операциски рок во кој должникот требаше доброволно да се исели е поминат и од тие причини законски се спроведува извршување, односно испразнување на недвижноста. „Фибула” во законска постапка го купи земјиштето, положи законски гаранции, се обврза да изгради два брендирани хотели, изјави изјави адвокатот Драган Коровешоски, правниот застапник на „Фибула Ер Травел”.
Тој уште нагласи дека за случајот се изнесени многу невистини зашто за процедурата постои документација на увид преку која секој може да види дека целата постапка за купување на имотот е спроведена транспарентно, во јавно наддавање на кое можел да учествува и „Трудбеник”.
Акционерите од „Трудбеник”, пак, сметаат дека државните институции преку незаконска постапка дозволуваат да се одземе атрактивната локација на брегот на Охридско Езеро, како и оти имотниот лист на новиот сопственик е фалсификуван документ, кој, според нив, Општина Охрид го издала врз основа на потпишан договор за кој немала ингеренции.
Извршниот директор и мнозински акционерски сопственик на АДГ „Трудбеник” Ацо Спироски изјави дека се работи за прерането извршување, поради тоа што во тек се судски постапки преку кои ќе се докаже дека имотот е преземен на незаконски начин. Спироски тврди дека се прави обид преку законско решение да се оправда незаконска постапка.
– Имаме неоспорливи докази дека ова земјиште е земено на криминален начин. Тие докази ги добив кога го покренав спорот против ова извршување, кога се отворија документите за се што е направено меѓу одредени раководни лица во Министерството за транспорт и врски, раководни лица во Општина Охрид и на „Фибула Ер Травел”. Против нив е покрената кривична постапка, постојат неоспорливи докази и утре е закажано рочиште во кое бараме поништување на договорот за купопродажба меѓу „Фибула” и Општина Охрид, рече Спироски.
Според него, се води предмет и во Антикорупциска комисија кој ќе покаже дека се прави обид „на криминален начин, преку наместено јавно наддавање, во предизборна постапка, со наместени рокови и услови, сокривани и изменувани датуми на парафирање на договорите, отуѓено земјиште за 20 илјади евра, а чија пазарна вредност е проценета некаде до четири милиони евра”.
-Овој влез денеска што се спроведува под итна постапка е да се обезбеди ново владеење врз имотот и преку тоа заедно со новите законски измени „Фибула” да добие нов рок за градба од пет години, одобрение за градба што не ја добиле од 2011 година досега. Овие забрзани постапки што се прават голема штета, можеби и на самите сопственици на „Фибула”, истакна Спироски.
Постапка за раскинување на купопродажниот договор има поднесено и Општина Охрид.