Владата на Германија соопшти дека е важно проевропски сили да ги презентираат своите идеи за иднината на Европска Унија.
Сепак, официјален Берлин не ги коментираше детално последните реформски предлози на францускиот претседател Емануел Макрон.
– Важно е проевропските сили да ги определат своите концепти пред европските избори, се наведува во краткото соопштение на германската Влада, за апелот на Макрон гласачите да изберат посилна ЕУ.
Владата на Германија додаде дека „поддржува активна расправа за правецот на ЕУ”.
Од германската Влада, поддршка на Макрон му даде германската министерка за правда Катарина Барлеј, која денеска му изрази благодарност за неговиот план за „европска ренесанса”, додавајќи дека Европа треба да биде обединета и да стане посилна.
– Почитуван Емануел Макрон, ви благодарам за иницијативата! Ние Европејците сега мора да се собереме и заедно да ја направиме Европа посилна, напиша на Твитер Барлеј, водечки кандидат на социјалдемократите на европските избори во мај.
Апелот на францускиот претседател Емануел Макрон, објавен во публикации во 28 земји за посилна ЕУ, доби поддршка од премиерите на Белгија и Финска.
Макрон вчера предложи преуредување на Шенген зоната за слободно движење, во воведот за потребните реформи за обновување на Унијата.
Неговите зборови би требало да бидат повик за будење на европскиот блок, во кој бара фундаментални реформи, пред изборите во мај. Повеќе предлози имаат за цел да ги заштитат и бранат граѓаните на Европа, а истовремено и дава на Унијата нов поттик во однос на глобалната конкуренција.
Макрон предлага заедничка гранична полиција и европска канцеларија за азил, обврска за строга контрола, европска солидарност во која секоја земја ќе даде свој придонес под управа на Европскиот совет за внатрешна безбедност.
Францускиот претседател се обидува да ги убеди гласачите за сериозноста на плановите за реформирање на европската трговија, конкурентност, дигитална и климатска политика.