Несоодветното законодавство, штетните митови и родовите стереотипи резултираа со „ендемско неказнување на силувачите“ во Данска, се вели во новиот извештај на Амнести интернешнал.
Во извештајот, „Дајте ни почит и правда!“, се вели дека жените и девојките во Данска не се заштитени како резултат на опасните и застарени закони кои не ги исполнуваат меѓународните стандарди, додека „подмолната култура на обвинување на жртвата и негативните стереотипи“ само го зголемуваат проблемот.
„Едноставната вистина е дека сексот без согласност е силување“, рече генералниот секретар на Амнести Интернешнал, Куми Наиду.
„Неприфаќањето на ова во форма на закон ги изложува жените на сексуално насилство и поттикнува опасна култура на обвинување на жртвите и неказнување, засилени од митовите и стереотипите што владеат во данското општество“, додаде тој.
Во моментот, законот во Данска не го дефинира силувањето како секс без согласност. Само осум европски држави ја прифаќаат оваа дефиниција. Шведска беше последната земја која се придружи на оваа група западноевропски држави кои силувањето го дефинираат како секс без согласност.
Според податоците на данското Министерство за правда, околу 5.100 жени годишно се жртви на силување или обид за силување. Официјалната статистика покажува дека во 2017 година биле пријавени 890 вакви случаи, од кои само 94 резултирале со пресуди.
Амнести ја осуди ваквата ниска бројка на пресуди, за која тие тврдат дека е резултат на длабоко вкоренетите предрасуди во правниот систем и ниската доверба во истиот.