Енергетиката е еден од најголемите загадувачи на животната средина, градовите се претворени во хомогена смеса од многу комплексни загадувачи и состојбата не се подобрува поради немањето соодветна инфраструктура. Неопходно е да се планира поинаков транспорт. Ние единствени во светот градиме во урбани густо населени зони, а објектите што се градат се многу блиску до сообраќајниците…
Ова денеска беше истакнато на промовирањето на кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!” на Институтот за комуникациски студии.
Дејан Андонов од Институтот рече дека проблемите што се однесуваат на животната средина не се решаваат стратешки, институциите не носат ефикасни решенија за нејзино подобрување и не се транспарентни во креирањето на спроведувањето на политиките.
Според професорката по урбанизам Дивна Пенчиќ од Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј”, градовите за загадени и задушени од автомобили и ако продолжи ваквиот начин на нивно урбанистичко планирање нема да се стигне никаде. Посочи дека тоа планирање досега подразбирало само распределба на земјишта.
– Денешните градови не можат да се справат со сите проблеми од овој тип планирање. Македонија треба да се приклучи кон остварување на глобалните цели за одржлив развој што се донесени во 2015 година од ОН, чија членка е и нашата држава. Првпат во тие глобални цели се поставува конкретна цел која подразбира одржливи, инклузивни и безбедни градови и градови за луѓе. Македонија треба да планира и да ги покрие овие аспекти кои се однесуваат на креирање градови кои ќе обезбедат домување за сите. Треба да планираме поинаков транспорт низ градот, да се грижиме за културното и природното наследство на градовите и да ги вклучиме сите граѓани и чинители во креирање на градски политики, рече Пенчиќ.
Експертот за енергетски менаџмент, Ана М.Лазаревска истакна дека за жал енергетиката која е носител на секое општество и на нашите секојдневни активности, на комплетното стопанство, е еден од најголемите загадувачи на животната средина и тука го има тој комплетен проблем кој се решава со помош на концептот на одржлив развој. Според неа, би било посоодветно да користиме поголема диверсификација на енергетските ресурси, а тоа се однесува и на материјалните ресурси.
– Еден од проблемите што можеби е решение е моменталното користење на обновливите извори кое е во многу мал процент, додаде Лазаревска.
Експертот од областа на аерозагадувањето, Дејан Мираковски рече дека градовите се претворени во хомогена смеса од многу комплексни загадувачи, се кршат основните правила на однесување, па има загадување и кога нема многу сообраќај на улиците.
– Состојбата не се подобрува поради немањето соодветна инфраструктура. Ние единствени во светот градиме во урбани густо населени зони, објектите што се градат се многу блиску до сообраќајниците, има високо ниво на буџава, а не се предвидени никакви мерки за заштита во фаза на градба и рушење на објекти. Имаме греење на биомаса и фосилни горива, што треба да биде ретко во такви урбани зони. Имаме пренаселеност не само во Скопје, туку и во други градови, додаде Мираковски.
Кампањата „Не игнорирај! Реагирај!” се реализира во рамки на проектот „Поддршка за добро владење преку граѓанско учество за поголема транспарентност и отчетност на институциите”, што е финансиран од Британската амбасадa.