Рускиот премиер Дмитриј Медведев смета дека би било добро да се отстрани инфраструктурата за американското нуклеарно оружје во Европа, пренесува ТАСС.
„На сите ќе им олесни кога сите американското нуклеарно оружје ќе се врати на територијата на САД, а инфраструктурата во Европа која овозможума негово складирање, сервисирање и распоредување ќе биде отстранета”, изјави Медведев за „Луксембургер ворт“ пред својата посета на Луксембург.
Медведев истакна дека ова исто така се однесува и на воените вежби за можна употреба на нуклеарното оружје што редовно се одржуваат во земјите-членки на НАТО.
„Ова само предизвикува дополнителен стрес, главно во самите земји на НАТО”, истакна тој додавајќи дека САД, а не Русија, одлучиле да се повлечат од Договорот за забрана на ракетите со среден дострел (ИНФ).
Според Медведев, тоа е причината поради која рускиот претседател потпишал реципрочна мерка, декрет за суспендирање на членството од ИНФ, додека САД не ги отстранат сопствените прекршувања.
„Ние не се закануваме никому и дефинитивно нема да нападнеме никого ниту да се бориме со никого. Секој обид за нуклеарна уцена, според нашето мислење, ги влошува меѓународните тензии”, рече Медведев.