Мицотакис бара од Дол да ја суспендира партијата на Орбан од ЕПП

 Со писмо до претседателот на Европската народна партија, Жозеф Дол, лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис бара да се спроведат внатрешни процедури за партијата Фидес на Виктор Орбан да биде суспендирана од членството во ЕПП, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштуваат од Нова демократија, Мицотакис пишува дека не може една партија да ги ужива привилегиите од нејзиното учество во ЕПП, а во исто време да одбива да го преземе потребниот товар согласно европските политики, а како главен пример ја посочува позицијата на Орбан во однос на миграцискиот проблем со која „го прекршува принципот на европската солидарност”.

Лидерот на најголемата грчка опозициска партија вели дека „заобиколувањето на основните уставни принципи, интервенциите во правдата и обидот за контрола на медиумите се практики кои не се применуваат само од страна на владата на Орбан”.

– Ова се практики кои ги применуваат сите популистички влади, без оглед на нивното идеолошко потекло. И, секако се применуваат и во мојата татковина, во Грција, каде владата на СИРИЗА систематски ги поткопува демократските институции и владеењето на правото, пишува Мицотакис и додава дека кога „такво однесување покажува партија што ѝ припаѓа на нашето политичко семејство, не можеме да се преправаме дека не гледаме”.

-Треба да се испрати јасна порака до нашите унгарски пријатели дека ова нивно однесување не може веќе да се толерира, му пишува Мицотакис на Дол, соопштуваат од Нова демократија.

Треба да знаете
Последни објави