Британското кралско семејство објави насоки за однесување за сите посетители на официјалните профили на членовите на социјалните мрежи, со напомена дека ќе бидат блокирани сите оние кои ќе остават навредливи коментари под содржините кои се објавуваат.
Коментарите на профилите на Кларенс хаус, Кенсингтонската и Бакингамската палата може да бидат скриени, избришани, па дури и пријавени во полиција, се наведува во новиот правилник за однесување на корисниците на социјалните мрежи, објави Би-би-си.
Како што е наведено, овој потег следува по извештаите дека техничкиот персонал во британскиот двор се бори со зголемена злоупотреба на содржините кои се однесуваат на Кејт Мидлтон и Меган Маркл, иако тие се уште немаат свои лични профили на социјалните мрежи.
Меган Маркл имаше профили на социјалните мрежи, но ги деактивира минатата година, пред да се омажи со принцот Хари.
На официјалните твитер-налози војводата и војвотката од Кембриџ, односно војводата и војвотката од Сасекс имаат околу 1,7 милиони следбеници, додека на Инстаграм имаат 7,1 милиони.
Кралското семејство има 3,8 милиони следбеници на Твитер, 4,5 милиони на Инстаграм и 4,8 милиони следбеници на Фејсбук.