Италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Салвини, повторно се најде под критики бидејќи цитираше контроверзен американски поет и симпатизер на фашистите, Езра Паунд.
„Ако човек не сака да преземе ризик за своите идеи – или неговите идеи се безвредни или тој е безвреден“, напиша Салвини во твит над слика со орхидеи.
Овој твит, според италијанскиот пратеник од партија од левиот центар, Брандо Бенифи, е порака испратена до неонацистичките гласачи.
Бенифи оценил дека Салвини е кукавица, пишува бриселскиот сајт „Политико“.
Паунд му се восхитувал на фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини и емитувал серија радиокоментари во кои ги критикувал САД и Евреите за време на Втората светска војна.
Тој бил уапсен од страна на американските власти пред крајот на Втората светска војна, под обвинение за предавство.
Најпознатата неофашистичка група во Италија, „Каса Паунд“ го добила името по овој американски поет.