Сириската армија изврши воздушни напади врз позиции на милитантите од Исламска држава и се судри со џихадисти во централна Сирија, објави денеска провладиниот весник „Ал-Ватан”.
Избувнувањето на конфликтот во областа Ал Сухна, помеѓу Палмира и Деир ал-Зора, укажува дека упориштата на радикалната група се уште позападно од Еуфрат, и покрај тоа што борците со американска поддршка се подготвуваат да ја освојат последна енклава источно од реката.
Сириските сили „почнаа бројни воздушни напади врз колони на Даеш во источниот дел на Бадија, особено на патот што води до градот Ал-Сухна и југоисточно од него”, пишува Ватан, цитирајќи воен извор.
Даеш е арапски акроним за Исламска држава.
Сириските демократски сили (СДФ), кои имаат поддршка од САД, веќе неколку недели ја опколија последната енклава на Исламска држава источно од Еуфрат, местото Багоуз.
Околу 200 џихадисти во Багоуз се предадоа по жестоките борби за време на викендот, но постои можност таму да се кријат уште илјада, изјави вчера порпарол на СДФ.
Иако пораз на џихадистите во Багоуз ќе претставува пресвртница во борбата против Исламска држава, се претпоставува дека радикалната група ќе остане голема закана за безбедноста во Сирија и Ирак.