Апелот на Макрон за посилна Европа доби поддршка надвор од Франција

Апелот на францускиот претседател Емануел Макрон, објавен во публикации во 28 земји за посилна Европска унија, доби поддршка во соседната Белгија и во Финска.

Финскиот премиер Јуха Сипила денеска преку Твитер му понуди поддршка на Макрон за повикот за „поголема безбедност, одржлив раст и амбициозна климатска политика”.

Сипила додаде дека луѓето „треба да увидат дека ЕУ е во состојба да донесува одлуки и да ги спроведува”.

Белгискиот премиер Чарлс Мишел изјави дека особено се надева на „Европа, која ја штити слободата и демократијата”.

Во Франција, каде популарноста на Макрон се намалува, реакциите, сепак, беа скептични.

Надине Морано од опозициските републиканци изјави дека „во таа колумна зборот Франција се појави само еднаш. Тоа е макронизмот – Франција исчезнува во европскиот федерализам”.

Германската министерка за правда Катарина Барлеј денеска му изрази благодарност на Макрон за неговиот план за „европска ренесанса”, додавајќи дека Европа треба да биде обединета и да стане посилна.

– Почитуван Емануел Макрон, ви благодарам за иницијативата! Ние Европејците сега мора да се собереме и заедно да ја направиме Европа посилна, напиша на Твитер Барлеј, водечки кандидат на социјалдемократите на европските избори во мај. 

Треба да знаете
Последни објави