Ливерпул после ремито со Евертон минатиот викенд, им го препушти лидерското место на табелата во Премиер лигата на фудбалерите на Манчестер Сити.
Јасно е дека Ливерпул е во мала резултатска криза, а поранешниот тренер на Евертон, Болтон, Вест Хем и селектор на репрезентацијата на Англија, Сем Алардајс има интересно објаснување за целата ситуација.
„Притисокот е огромен. Ливерпул оваа сезона има загубено само еден натпревар, но ми се чини дека стравот од освојувањето на титулата е повторно тука, баш како што беше и пред неколку години кога на клупата беше Брендан Роџерс“, изјави Алардајс и додаде:
„Тоа е голема пречка која Клоп мора да ја прескокне. Мора да открие како ментално да го подготви тимот да ја премине замислената линија и да ја освои шампионската титула во Англија“, изјави Алардајс.