Во Италија се разви полемика поради можно финансирање во висина од 15 милиони евра на прочуената миланска опера Ала Скала од саудиски фондови и влегување на саудиското Министерство за култура во управниот одбор на институцијата.
Во интервју за „Република”, директорот на миланската „Скала” Александер Переира потврди дека операта преговара за такво финансирање од Ријад.
– Целта е да изградиме партнерство за најмалку пет години вредно најмалку три милиони евра годишно, како што беше побарано од историските акционери на Скала, нагласи тој.
Преговорите почнале по контакти со саудиската Влада и саудискиот нафтен гигант Арамико предложени од луѓе блиски на претседателот на областа Ломбардија, Атилио Фонтана кој е член на Лигата на италијанскиот министер за надворешни работи Матео Салвини.
На 7 декември, при официјалното отворање на новата сезона на операта, била организирана средба меѓу италијанскиот министер за култура Алберто Бонизоли и неговиот саудиски колега принцот Бадер бин Абдула. Контактите траат и денес.
Европратеникот од Демократската партија Антонио Панцери изјави дека „хипотезата за влегување на Саудијци во Скала е шамар за Миланската Скала, која е отворена во 1778 година и е една од најпрестижните опери во светот.