Работниците во државата најмногу се жалат на неисплатени плати, надоместоци и придонеси. По овој основ, во текот на 2018 година во Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) пристигнати се 840 обраќања од работници.
Потоа следуваат обраќањата по основ на права од стечајна постапка – 343, синдикални права – 221, прекувремена работа – 76, годишен одмор – 72 и регрес за годишен одмор – 50 обраќања.
Минатата година, како што денеска објави ССМ, не се евидентирани обраќања во врска со вознемирување на работното место.
Податоците на ССМ покажуваат дека од вкупно 1.637 обраќања најголем број поточно 800 имало во Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството (СИЕР), потоа 212 во Синдикатот на работниците од агро индустрискиот комплекс, 135 во Синдикатот од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ) и 129 во Синдикатот од текстилната, кожарската и чевларската индустрија.
Поднесени се четири тужбени барања, водени сe пет расправи и добиени се шест пресуди.
Во однос на превентивната заштита на работничките права, ССМ информира дека дадени се 1298 совети, изготвени се 147 мислења, 52 барања и 34 приговори.