Речиси 3.000 кинески делегати од цела држава денеска присуствуваат на годишната сесија на Националниот народен конгрес на Кина.
Работата на законодавниот дом ќе продолжи до следната недела, при што ќе се разговара за политиката и приоритетите на Кина и покрај тоа што поголемиот дел од предлог законите се усогласени од лидерите на Комунистичката партија.
На првиот ден од сесијата присуствуваат 2.984 делегати, на кој е предвидено премиерот Ли Кечијанг да ги соопшти економските планови.
Две третини од членовите на Националниот народен конгрес се членови на владејачката Кинеска комунистичка партија, која е на власт од 1949 година.
Делегатите се состануваат еднаш годишно за да ги изгласаат големите предлог закони, да го одобрат буџетот и да изгласаат номинации. Постојаниот комитет има средби секои два месеца за да изгласа други предлог закони и амандмани.
Минатата година во кинескиот законодавен дом 2.958 делегати гласаа „за”, а двајца се изјаснија „против” претседателот на Кина, Си Џинпинг да остане на власт до крајот на животот.
Најважна точка на дневниот ред е Законот за странски инвестиции, што се очекува да биде изгласан на 15 март, последниот ден од работата на Парламентот.