Колекција „The greatest hits” (Најголемите хитови) со 12 песни од сите фази од постоењето на етносоставот „Љубојна” деновиве објави „Кроација рекордс”, водечка дискографска куќа во регионот.
Колекцијата објавена за етикетата „Croatian World Music” содржи внимателно избран пресек на нивната долгогодишна кариера, со што „Љубојна” дискографски ѝ се претставува на пошироката публика во регионот, преку синтеза на емоции, со звукот на радоста и на тагата, еуфоријата, интензивноста и страстите, на нивниот единствен стил, меѓу чил-аут, поп, фанк, соул, џез и фолк.
Опусот на „Љубојна” го создаваат гласот на Вера Милошевска и композиторско-продуцентската работа на басистот Оливер Јосифовски.
Од „Кроација рекордс”, која во земјава се врати по 27 години, најавуваат дека албумот наскоро ќе биде и во музичката продавница „Југотон”.