Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи утре ќе престојува во работна посета во Република Словенија.
Во текот на посетата Османи ќе се сретне со заменик претседателот на Владата на Република Словенија и министер за надворешни работи, Миро Церар, на која ќе бидат отворени темите поврзани со евроатлантските интеграции на земјата, во насока на отпочнувањето на пристапните преговори со Унијата, динамиката на спроведување на реформите предвидени во Планот 18, како и очекувањата од претстојните јунски самити. По средбата предвидени се изјави за медиуми од страна на Османи и Церар.
Во текот на посетата на Словенија, Османи ќе се сретне и со државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Република Словенија, Добран Божич, како и со програмскиот директор на Центарот за европски перспективи, Андреја Долничар Јерај и заменик директорот на Центарот за меѓународна соработка и развој, Ема Роде, со кои ќе разговара за предизвиците кои и претстојат на земјава во наредниот период, а ќе ги отворат и темите во однос на проширувањето на ЕУ на земјите од Западен Балкан со што се зајакнува стабилноста и безбедноста во ЕУ, како и справувањето со мигрантската криза, напливот на фундаментализмот, како и борбата за справување со ширењето на лажните вести.
По посетата на Словенија,Османи патува во Мадрид, каде ќе оствари средба со претставникот на земјата во Европската Унија и државен секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Кралството Шпанија, Луис Марко Агуириано Налда.