Генералниот секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ на Бизнис форумот на Копаоник изјави дека една од пораките од панелот за регионална соработка и за ЦЕФТА договорот, е дека шефовите на владите уште во Трст се имаат обврзано да работат на формирање регионална економска зона, но во пракса, некаде во бирократијата, гласовите за поддршка се губат.
– Ќе имаме успех оваа година. Прво во Белград следниот месец ќе имаме договор за роамингот, а потоа во Познан во јули договор за признавање на дипломите. Сепак, се тоа е многу бавно, рече Свилановиќ.
Тој додаде дека ситуацијата со таксите кои Косово ги воведе, е само илустрација на тоа како функционира ЦЕФТА и дека секоја година има многу проблеми со нетарифните бариери. Тој истакна дека времето е клучен фактор.
– Или во наредните една или две години ќе се договори регионална економска зона, која подразбира отстранување на нетарифните бариери, или ќе се бара друг начин. На состанокот беа многу остри и испратија јасна порака на фрустрација на бизнис заедницата поради неусогласеноста од различни страни во границата на зоната која сакаме заедно да ја формираме. Или ќе се промени ЦЕФТА на начин кој ќе биде функционален и има механизам со кој ќе се решаваат споровите, истакна Свилановиќ.
Тој изрази верување дека договорот со Косово ќе ги отвори сите потенцијали што Србија ги има, како на пример дипломатските, политички, економски, социјални, културни …
– Додека оваа тема не е зад нас… на помалку квалитетен начин ќе се справиме со прашањата кои се од витално значење за секоја земја: владеење на правото, слобода на медиумите и борба против криминалот, заклучи Свилановиќ.