Денеска на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се оджа конференција насловена како „Женско лидерство во областа на безбедноста на Република Северна Македонија“. Конференцијата ја отвори министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска која се осврна на важноста од промовирањето и унапредувањето на родовата еднаквост во безбедносните структури на земјата и пошироко, како клучен фактор за националните интереси и стратешките приоритети на Република Северна Македонија.
„Задоволство е да се присуствува на конференција на која зборуваме за родовата еднаквост во националните безбедностни структури, но особено е важно на вакви настани да имаме подеднакво мажи и жени кои со еднаква професионалност во областа, рамноправно дебатираат на темата. Имајќи ја во предвид резолуцијата 1325 за учеството на жените во безбедносните структури, но и природата на жената како битие, верувам дека учеството на жените во одбраната и безбедноста ќе донесе повеќе мир во светот, затоа што жените секогаш се стремат проблемите да ги решат без војна.“ – изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Повикувајќи се на Резолуцијата 1325 на Обединетите нации, донесена во 2000 година, со која се афирмира улогата на жените во областа на одбраната и бебедноста, Царовска истакна дека резолуцијата одигра голема улога во начинот на кој меѓународната заедница пристапува кон спречување и решавање на конфликтите и ја промовира родовата еднаквост и зајакнувањето на жените како фактор за меѓународен мир и безбедност.
Во изминатите 18 години, Резолуцијата 1325 довела до прогрес, особено во нормативнот дел и во однос на тоа како Обединетите нации пристапуваат на прашањето за мир и безбедност. Застапеност на жените во мировните мисии, но и нивната застапеност и улога во преговарањето и носењето значајни одлуки, од носењето на Резолуцијата бележи значителен раст, но треба уште многу да се работи на ова поле.
“Останува глобален, но и наш национален предизвик за јакнење на жената и нејзиното учество во политичката, економската и социјалната сфера, како фактор кој треба да придонесе кон премостувањето на разликите помеѓу мажите и жените. Наша задача е континуирано и посветено да работиме на остранување на општествените причини за родова нееднаквост во јавното и приватното одлучување, обезбедување еднакви можности, ресурси и механизми за справување со насилство врз жените. Само на тој начин, можеме уште повеќе да ги зајакнеме желбата и мотивацијата за учество на жените и девојките во областите на безбедноста и мирот и да го зголемиме нивниот број“ – истакна Царовска.
Денешната конференција имаше за цел, преку учество на раководители и експерти од областа, детектирање на предностите и слабостите на женското лидерство во безбедносните органи и институции во Република Северна Македонија, како и анализа на актуелната состојба, реалните проблеми и предлог мерки за нивно надминување. Дополнително, адекватно вклучување на жените на лидерски места и функции и нивна поголема застапеност, согласно компетенциите, искуството и знаењата кои ги поседуваат. На конференцијата говореа и деканот и продеканот на Факултетот за безбедност – Скопје проф. д-р Никола Дујовски и доц. д-р Марјан Ѓуровски и проф. д-р Марина Малиш од Факултетот за безбедност–Скопје. Пред присутните се обратија и Верица Милеска Стефановска, претседателка на Комора за обезбедување на РСМ, Савка Тодоровска, претседателка на Националниот совет за родова рамноправност и претставнички на UN WOMEN во земјата.