Вучиќ: Србија е подготвена за разговори со Приштина, кои можеби ќе доведат до некакво договорено решение

Важно е да се трага за мир и компромис, а да не се бараат причини за конфликти, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ по разговорите со италијанскиот премиер Џузепе Конте и истакна дека Србија, по укинувањето на таксите е подготвена за разговори со Приштина, што во иднина може да доведе до некакво консензуално решение.

– Дали ова ќе се случи или не? Уште многу пат е пред нас, но секогаш е поважно да се трага за мир и компромис, отколку за причини што доведуваат до конфликт, рече Вучиќ на заедничката прес-конференција со Конте во Белград.

Тој кажа дека соговорникот од Италија го запознал со ставот на Србија дека воведувањето на такси од 100 отсто претставува кршење на ЦЕФТА и на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и дека тоа е нешто што рационалните луѓе не го прават, но дека, и покрај тоа, Србија е подготвена да продолжи со дијалогот, кога ќе се реши ова прашање.

– Благодарен сум му на Конте за поддршката на европскиот пат на Србија и изрекувањето на реченицата од која не можам да ја сокријам радоста и задоволството. Италија ќе биде добар и искрен амбасадор на Србија на европски пат. Во услови кога добиваме различни сигнали од ЕУ, такви зборови од таква моќна земја се од особена важност, посебно затоа што Италија има се поголема улога во ЕУ и во регионот, истакна Вучиќ.

Претседателот на Србија додаде дека е разговарано и за економските прашања, како и за глобални прашања и најави дека Белград ќе ја поддржи политиката на Италија за подобрување на условите за живот во Европа и за подобра соработка со другите континенти.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте на прес-конференцијата истакна дека постои вистинско пријателство меѓу двете земји. Тој вети поддршка за сите напори на Вучиќ за евроинтеграциите на Србија, како и за постигнување на компромис со Приштина.
Тој нагласи дека со Вучиќ се согласил дека предуслов за тоа е Приштина да ги укине таксите за стоки од Србија.

Конте истакна дека оваа постапка на Косово не води до ништо и дека единствениот начин за забрзување на патот кон ЕУ – е дијалогот.

– Сите страни треба да бидат мудри, а мудра е одлуката на српската Влада на мерките од Приштина за воведување на такси. Ќе разговарам со Могерини за тоа како Италија, како српски амбасадор, реално и конкретно може да ги претставува интересите на Србија, рече Конте

Треба да знаете
Последни објави