Меѓуинституционална соработка за борба против корупцијата и перење пари

Денеска во Владата се одржа свечено потпишување на Меморандум за соработка за користење на Системот за собирање и обработка на статистички податоци за превенција и репресија на корупција и перење пари.

Поддршката за зголемена меѓуинституционална соработка и креирање на веб-алатка – “Систем за собирање и обработка на статистички податоци за превенција и репресија на корупција и перење пари“, ја дадоа педесет државни институции.

Целта на овој систем е да ја зајакне соработката помеѓу сите институции вклучени во превенција и борба против корупцијата, без притоа да поднесуваат посебно барање за да добијат одредени податоци кои и онака можат да ги прибават законски. Со овој систем, се очекува значително олеснување на меѓуинституционалната комуникација, а со тоа и зголемување на ефикасноста во борбата против корупцијата и перењето пари.

Потписници на овој меморандум беа и министерката за правда Рената Дескоска, министерот за надворешни работи Оливер Спасовски и министерот за информатичко општество и информации Дамјан Манчевски, кои имаа свои поздравни говори на денешното потпишување.

Министерката за правда Рената Дескоска, истакна дека овој систем, веб-апликација, ќе овозможи размена на податоци за известување за тримесечните извештајни периоди без никакви дополнителни административни процедури.

„Со оваа меѓу-институционална соработка, институциите-корисници ќе може да следат предмети во кривична и прекршочна постапка, дисциплински постапки со кривични предмети со коруптивен елемент, иницијативи за кривично гонење. Покрај ова, институциите-корисници ќе може да го следат постапувањето по предметите – како пријави и извештаи кои ги поднеле, оформиле или доставиле на постапување на други институции, како што се јавните обвинителства, судовите, органите за спроведување на законот и казнено-поправните установи“, потенцираше Дескоска.

Министерот Спасовски истакна дека овој систем има голем потенцијал и очекува позитивни резултати и придобивки во борбата против корупцијата.

„Политиката што ја прифаќа одговорноста,бескомпромисно да ги менаџира јавните интереси, а не приватните,има шанса и можност квалитетно да се спротивстави на корупцијата. Ние сме способни за една таква борба против корупцијата дотолку повеќе што во изминатиот период успешно установивме низа нормативни и други институционални механизми, што недостигаа, а се клучни за ефикасна борба против корупцијата“ рече Спасовски.

Министерот Манчевски смета дека борбата со корупција претставува голем предизвик, затоа што подразбира менување на политичката култура, и културата на живеење, а дека успехот во таа борба е возможен само кога се има координиран пристап и кога сите чинители во општеството се свесни за важноста на искоренувањето на корупцијата. Според министерот, овој меморандум, е уште еден пример како дигитализацијата помага во борбата со корупција.

Многу често зборувам за придобивките од новите технологии, дигитализацијата и како тие ни го менуваат животот. Една од позитивните страни на дигитализирање на процесите е отстранување на човечкиот фактор, што директно влијае врз намалување на корупцијата“, потенцираше Манчевски.

Покрај Министерството за правда, Министерството за надворешни работи и МИОА, потписници на овој меморандум се и ДКСК, Јавното обвинителство, СЈО, Врховниот суд, Судскиот совет, Советот на Јавните обвинители, сите апелациони и основи судови во земјата, Државниот завод за ревизија, Агенцијата за администрација, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање, Царинската управа, Управата за јавни приходи, Управата за извршување на санкциите, Агенцијата за управување со одземен имот и Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Треба да знаете
Последни објави