Нови имиња на институциите: Едни со додавка „северна”, други со „национална”
Некои со додавка „северна”, а некои со „национална”. Ваква ќе биде промената на имињата на вкупно 136-те институции, државни, јавни и оние финансирани од Буџетот, согласно Преспанскиот договор и направените уставни измени.
Одлуката за преименување на институциите официјално е донесена вчера на редовната 124. владина седница.
Уставниот и Врховниот суд, Јавното обвинителство, Судскиот совет, Државното правобранителство, Советот на јавни обвинители и Народниот правобранител ќе бидат на „Република Северна Македонија”, како и Собранието, Претседателот на државата, Владата, министерствата, Народната банка, агенциите (за вработување, за иселеништво, за странски инвестиции, за храна и ветеринарство)
„Република Северна Македонија” ќе важи и за Централниот регистар, Регулаторната комисија за енергетика, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, Државниот архив, Природонаучниот музеј, Црвениот крст, Службениот весник, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски”, Фондот за пензиско, Институтот за јавно здравје, Струшките вечери на поезијата, Кинотека, Музејот на современа уметност, Драмскиот театар, Македонскиот народен театар, АД ЕЛЕМ, Јавното претпријатие „Водостопанство”, националните паркови Маврово, Галичица и Пелистер.
И Македонски железници станува Железници на Република Северна Македонија.
Филхармонијата од „Македонска” ќе се преименува во „Национална”, но пред името, наместо
Република Македонија ќе треба да стави „Република Северна Македонија”. Истото важи и за Македонската опера и балет.
Македонската радио-телевизија ќе стане Национална, како и Јавното претпријатие „Македонска радиодифузија” кое се преименува во „Национална радиодифузија.
Во „Национална” се менуваат и Македонска пошта, како и Македонската банка за поддршка на развојот.
-Институциите во земјава треба да ги променат своите називи во разумен рок или согласно вообичаените административни практики, што е во духот на Договорот од Преспа. Со тоа ќе бидат испочитувани одредбите од Договорот, порача вчера шефот на дипломатијата Никола Димитров пред панел дискусијата „Трансатлантските перспективи и Западен Балкан”.
Димитров потенцира дека според Преспанскиот договор, една е насоката што треба да се почитува во однос на институциите согласно новото име Република Северна Македонија, а друга е линијата што се однесува на идентитетот, односно се што е поврзано со идентитетските прашања.
-Во овој случај формалното име на пример на Армијата би била Армија на Репубика Северна Македнија, бидејќи тоа е сега уставно име на државата, но, на пример во случајот со Македонски народен театар, имаме етнички елемент и најверојатно ќе биде Македонски народен театар, рече Димитров.
Во однос на МАНУ напомена дека тоа е државна институција, но таму има одредена специфика и изрази надеж дека ќе се најде, како што истакна, добро решение за оваа институција.
Министерот за надворешни работи потсети дека тоа што МНР го направило кон Обединетите нации, билатерално кон државите во светот и другите меѓународни институции сега се прави во однос на државните институции, бидејќи е важно праксата да биде униформирана согласно Договорот од Преспа.
Вчера усвоената владина одлука за имињата на институциите е по предлог на Меѓуресорската работна група за извршување на обврските од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните. Согласно Одлуката, институциите ќе треба да направат промени на јавните табли на своите влезови во однос на името на државата, согласно амандманите 33, 34, 35 и 36 од Уставот, Уставниот закон за спроведување на амандманите и Законот за употреба на јазиците. Ќе треба и да проверат дали се променети сите нивни дигитални записи (логоа, меморандуми, електронски комуниказии, веб-странци, медиуми,…), како и меморандумите, печатените материјали, папките, индикаторите, согласно заклучоците број 4 и број 5 од 120. седница, и во рок од седум дена до Меѓуресорска работна група да достават збирен извештај дали е извршена бараната измена и до кој степен.