Почна тримесечната програма на МАСИТ за преквалификација на кадар

Информатичко-комуникациските технологии (ИКТ) се најпрогресивната индустрија во моментов, индустрија во која може да се градат кариери и да се оствари голем успех. Тоа го потврдуваат и бројките. Во земјава бројот на регистрирани ИКТ компании во 2017 година бил 1.700  компании, а лани се зголемил на 2.300.

Ова беше речено денеска по повод почетокот на 12-неделната програма што ја организира Стопанската Комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) со поддршка на РЕГ проектот на УСАИД за преквалификација на 40 млади луѓе кои добиваат можност да стекнат ИКТ знаења и практично искуство.

Обуката ќе ја реализира „Бреинстер”, компанија специјализирана за едукација во областа на информатичко-комуникацските технологии и дигитални вештини. Најдобите студенти ќе добијат препораки за вработување кај компаниите кои имаат потреба, а оние кои ќе се решат да почнат свој бизнис исто така ќе добијат поддршка од МАСИТ во правењето на првите чекори во претприемништво.

– Програмата која имате прилика да ја поминете е дизајнирана според потребите на овие компании и ве охрабруваме да дадете максимум од себе, да стекнете базични ИКТ знаења и вештини кои понатаму ќе продолжите да ги надградувате, истакна извршниот директор на МАСИТ Анита Никова.

Според Петар Ниновски, основач на „Бреинстер”, досега низ едукативните програми поминале околу 6.000 лица.

-Нудиме „хандс он” искуство што значи дека го спојуваме теоретското знаење со работа на реални проекти. Таква ќе биде и оваа интензивна 12-неделна обука од која ќе излезете со конкретен проект, целосно изработена веб страница од страна на секој учесник. Тоа значи дека кога ќе излезете оттука ќе имате готов проект во вашето портфолио што е многу важен фактор за идното барање работа, им порача Ниновски на учесниците во Програмата.

Ана Ангеловска (33), една од 40-те учесници, очекува да стекне базични технички знаења што ќе и помогнат да почне ИКТ кариера.

– Верувам дека иднината е во информатичката и комуникациската индустрија, дека ова е најдинамичен и најпрогресивен сегмент во моментов и затоа се гледам себеси таму, изјави Ангеловска.

За учество во програмата се пријавени 145 кандидати, од кои беа одбрани 40. Предност имаа невработените лица, а услов за да се влезе во Програмата беше да имаат најмалку завршено средно образование, да не се постари од 35 години и да имаат интерес и предиспозиции за работа во ИКТ сектори.

Треба да знаете
Последни објави