Реконструкцијата во „Св. Еразмо” во Охрид според планот, завршени 80 отсто од работите

Министерот за здравство Венко Филипче денеска ја посети ЈЗУ Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо” во Охрид, каде на 21 јануари почнаа градежни активности за реконструкција и дозавршување на делот на оперативните сали и интензивната нега.

Од Министерството за здравство соопштија дека градежните активности се одвиваат според планираната динамика и без застој, и во моментот 80 отсто од реконструкцијата е завршена. Рокот за завршување на објектот е септември.

Со реконструкцијата, како што се наведува, Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо” ќе добие современ регионален центар од областа на ортопедија и трауматологија и ќе се отворат пет нови оперативни сали, со амбулантско-болнички и стационарен дел, по сите европски стандарди, со овозможување поквалитетни здравствени услуги на пациентите, здравствените работници и воведување нови методи во лекувањето на пациентите од областа на ортопедија и трауматологија. Се посочува дека се очекува драстично намалување на постојните листи на чекање, современ и брз третман на итните ортопедско-трауматолошки и неврохируршки случаи.

И покрај процесот на реконструкција, во болницата се извршуваат сите предвидени активности, согласно планот за вид и обем на здравствени услуги во специјалистичко-консултативна здравствена заштита и болничката здравствена заштита.

Во 2018 година, во болницата се реализираа нови вработувања на повеќе здравствени работници, меѓу кои по еден доктор на медицина и доктор специјалист ортопед, како и тројца рендген технолози, двајца физиотерапевти и 30 медицински сестри. Во болницата моментално има 272 вработени, стои во соопштението од Министерството.

Треба да знаете
Последни објави