Грчкото обвинителство кривично гони 20 функционери за катастрофалниот пожар во Мати

 За пожарот во јули минатата година во областа Мати, во кој животот го загубија 100 лица, а беше причинета огромна материјална штета, грчкото обвинителство кривично гони 20 функционери меѓу кои префектот на периферијата Атика, градоначалниците на општините Маратонас и Рафина, поранешниот Генерален секретар за цивилна заштита, функционери во полицијата и противпожарната служба, но и еден 65-годишен маж кој е одговорен за избувнувањето на пожарот, јави дописничката на МИА од Атина.

Обвиненијата се однесуваат на подметнување пожар од небрежност, убиства од небрежност и поради пропусти и физички повреди од небрежност и поради пропусти, а според грчката новинска агенција АНА-МПА, за овие прекршоци, законот предвидува казни до пет години затвор, а под исклучителни околности може да биде и до десет години.

АНА-МПА објави дека во истрагата биле сослушани 350 роднини на жртвите и бил разгледан огромен материјал што содржел разговори меѓу полицијата и противпожарната служба, видео материјали и други податоци и информации.

Во предметот се вклучени и извештаите на вештаците, но и тужбите од семејствата на жртвите.

Треба да знаете
Последни објави