Денот на жената во Словенија може да стане национален празник

Меѓународниот ден на жената, 8 Март, во Словенија би можел да стане национален празник ако се усвои иницијативата што ја даде Социјалдемократската партија (СД), една од партиите во коалициската влада на премиерот Марјан Шарац.

Поттик за ова беше даден од страна на Форумот на жените на таа партија, чија претседателка е Нева Грашич, која рече дека со тоа сакаат да ја реафирмираат постојаната борба за еднаквост на жените во општеството.

„Кога ја спомнуваме борбата за рамноправност, тогаш зборуваме за достојна егзистенција, економска стабилност и застапеност на лидерски позиции во политиката”, рече денеска на прес-конференција во седиштето на партијата, додавајќи дека Денот на жената треба да се празнува не само симболично со црвен каранфил туку и со борба за подобро партнерство во општеството, меѓугенерациска солидарност и повисоки плати за жените.

Потпретседателот на партијата, Матјаж Немец, рече дека средиштето на партијата се согласува со иницијативата на Форумот на жени за Меѓународниот ден на жената како национален празник, а со тоа подобро би се промовирала и државата во смисла на поголеми права на жените.

Во Словенија 12 државни празници се дефинирани со закон, но пет не се неработни и би било подобро да се нарекуваат спомен-денови со церемонијални национални прослави.

Во партијата сè уште не одлучиле дали на коалициските партнери и на владата ќе им предложат националниот празник Денот на жената да биде работен или неработен, но тие велат дека тоа не им е битно и би се согласиле и на спомен-ден.

Треба да знаете
Последни објави