Дефинирани се идните чекори и активности околу изградбата на Домот на спортовите
Во просториите на Владата на Република Северна Македонија, денеска, се одржа работна средба со учесниците во изградбата на Домот на спортови во Скопје. Средбата ја водеа советниците за спорт на премиерот Заев, Ѓорги Тасев и Даниел Димевски, а присутни беа и директорот на АМС, Дарко Каевски, градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, претседателот на МОК, Васил Тупурковски и претставници од АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост – Скопје.
На работната средба се разговараше за нивото на досегашните исполнети обврски, но и за следните чекори кои треба да се преземат околу административните процедури и постапката за изградба на Домот на спортовите, како и за активностите кои ќе ги понуди овој спортски комплекс во чии рамки ќе бидат и олимпискиот дом, базен, отворени игралишта и фитнес зона.
На средбата беше заклучено дека ова е клучен проект во делот на спортската инфраструктура со цел обезбедување услови за непречена работа и функционирање на спортските федерации. Домот на спортовите ќе се гради на територија на општина Аеродром и за таа намена во првата фаза се обезбедени 75 милиони денари од Буџетот на Република Северна Македонија, а останатите средства ќе бидат обезбедени преку Македонскиот олимписки комитет.
Во рамките на овој процес, планирана е и консултативна средба со федерациите во врска со овој значаен објект, со кој се остава траен белег во делот на спортската инфраструктура.