Ако треба да се издвои херојот во вчерашната победа на Ајакс над Реал Мадрид, тоа дефинитивно е Душан Тадиќ.
Фудбалерот призна дека го одиграл најверојатно најдобриот натпревар во кариерата во исфрлањето на шампионот Реал од ЛШ.
Српскиот репрезентативец доминираше на теренот и со две асистенции и еден гол го предводеше клубот од Амстердам во големиот триумф и пласман во четвртфиналето.
„Го победивме најдобриот клуб на светот. Многу сум горд и сметам дека усреќивме многу луѓе“.
Синоќешниот настап на Тадиќ тешко може да се опише со зборови бидејќи буквално си играше со актуелниот шампион на Европа. Секое додавање имаше „очи на тилот“, а секој потег беше шаховски смислен.
Во втората асистенција го изведе познатиот потег на поранешниот тренер на Реал, Зинедин Зидан, и не крие дека францускиот фудбалер му бил идол.
„Зидан отсекогаш ми бил омилен фудбалер. Можеби имам гледано премногу видеа со Зидан“, призна Тадиќ.