Народниот правобранител, во континуитет го следи обезбедувањето почитување и заштита на правата на граѓаните како потрошувачи, односно корисници на услуги вклучително и пред ЕВН Македонија АД, и во тој контекст по најавата на Владата за отпис на заостанатите долгови и по основ на електрична енергија, со цел согледување на состојбата, отвори предмет по сопствена иницијатива, при што од овој орган побара детални информации во врска со оваа најава.
Имајќи го предвид се поголемиот број на поплаки од граѓани кои не можат да ги исполнат обврските кон ЕВН, Народниот правобранител бара од раководството на ЕВН, до завршување на овој процес, да не им ја прекинува испораката на електрична енергија на домаќинставата, да не презема дејства за присилна наплата и да не ги принудува да склучуваат спогодби за нивно плаќање на рати.
Според Народниот правобранител, ЕВН со цел заштита на граѓаните –потрошувачи прво треба да утврди која категорија граѓани ќе биде опфатена со овој процес, временскиот период за кој би се однесувал отписот на долговите, и дали во отписот ќе бидат вклучени каматите, трошоците на постапките, како и јавното осветлување.
Исто така, како што се наведува, раководството на ЕВН треба да го има предвид фактот дека голем број од предметите седеле во судовите и не биле процесуирани, а поради ваквите недоследности штетата е исклучиво за граѓаните чии долгови низ годините повеќекратно им се зголемиле.
Народниот правобранител, како орган кој ги промовира и штити уставните и законските права на граѓаните, во рамките на надлежностите утврдени со Уставот и Законот за народниот правобранител, ќе ја следи состојбата и реализиацијата на оваа најава, и ќе ги преземе сите мерки за заштита на правата на граѓаните пред ЕВН.