Со гледање на видео записи од случувањата од јуни 2013 година денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето за насилствата пред Општина Центар.
Судијата Душан Јосифов на стартот на судењето мораше да даде пауза од пет минути поради несогласување меѓу обвинителството и одбраната за начинот на изведување на доказите.
Рочиштето продолжи со репродуцирање на видеа од протестите против уривањето на црквата „Св. Константин и Елена”, откако судијата ја увери одбраната дека ќе се води стенограм од видеата и содржината потоа целосно да биде ставена на записник.
Обвинителот Гаврил Бубевски пред почетокот рече дека поради праксата на судот за водењето на записникот при изведување на видео докази и потребата од негово раскажување на видеата, а со цел за побрзо водење на постапката, може да им го даде на увид на одбраната текстот што ќе го кажува на записник.
Дел од обвинетите реагираа на содржината на текстот и таквиот начин на водење записник, и побараа во наводите да биде ставено се што се слуша на видеото.
Во „Насилство во Општина Центар” на СЈО обвинети се повеќе лица, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство во Унгарија, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранечната советничка од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и осум други лица.
Претходно судијата Јосифов, го отфрли барањето на одбраната за одложување поради закажани повеќе судски рочишта во ист термин во предмети во кои се ангажирани адвокатите, нагласувајќи дека денешното рочиште било закажано во јануари и имале доволно време да се подготват.
Бранителот Боро Тасевски, на почетокот на денешното рочиште рече деке не се исполнети условите за судење и побара одложување.
– Ниту еден од бранителите денеска не ги носи списите и нема остварено контакт со обвинетите не е подготвен за одбрана. Одбраната и обвинетите не се во можност да дадат одбрана и се оневозможува активното учество на одбраната и категорично бараме денешното рочиште да не се одржи бидејќи никој не е подготвен. Под закана од казни ние дојдовме и ќе останеме доколу судот одлучи да се одржи рочиштето, рече адвокатот Тасевски.
Посочи дека сите овде присутни адвокати се казнувани за исти ситуации поради закажани повеќе судски рочишта во исто време.
Се гледат повеќе видеа од протестите надвор, од седницата на Советот додека надвор трае протестот, како и изјави од владиката Агатангел и тогашниот градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски.