Бројот на семејства на имигранти задржани на границата со Мексико во февруари се зголемил за 31 oтсто споредено со претходниот месец, изјавија од Царинската и пограничната служба на САД (ЦБП).
Минатиот месец над 76,000 имигранти пристигнале на границата, рекорден број во изминатите 12 години. Според мислењето на официјални лица од ЦБП таа бројка е загрижувачка.
Оттаму велат прифатните центри се преполнети со имигранти кои бараат азил, додека пограничните служби имаат тешкотии во пружање медицинска помош. Илјадници очајни и истоштени имигранти од долгото патување секојдневно пристигаат на границата и се собираат во прифатните пунктови, иако нивниот капацитет е надминат.
-Капацитетот е надминат и системот нема да издржи. Околу 2,200 имигранти секојдневно пристигаат на границата, понекогаш и со автобуси, изјави за „Њујорк Тајмс” Кевин Мекалинан, комесар на ЦБП.
Според информациите, околу 90 отсто од пристигнатите имиграни се од Гватемала, и тоа претставува значајна промена во динамиката на имиграцијата. Макалинан изјави дека бегалците од Јужна Америка понекогаш патувале неколку недели до границата на САД преку Мексико, но многу семејства од Гватемала сега користат автобуси и патувањето до југозападната граница е пократко – четири до седум денови.
-Ова е безбедносна и хуманитарна криза, изјави тој.
Според пограничите служби, најзначаен „фактор за привлекување” што тера цели семејства на имигранти да дојдат во САД се федералните закони и судските одлуки за забрана на властите да депортираат имигранти од Јужна Америка без запазување на долготрајна процедура, и ограниченото задржување на семејства на имигранти до 20 денови.
Според познавачите на сосстојбите, изградбата на ѕид на границата, идеја на претседателот Доналд Трамп, нема да го спречи притокот на бегалци кои планирано пристигаат до леганите гранични премини, доброволно се предааваат на безбедносните служби и поднесуваат документи за азил. Познавачите велат дека ова е хуманитарен предизвик на кој треба да одговори со изградба на повеќе прифатни центри во оддалечените области на границата за престој и помош на мигрантите, што е одредено и од законот на САД.
Администрацијата на Трамп пак, напротив, воведе агресивни мерки за обесхрабрување на имиграцијата како разделба на децата од родителите, ограничување на бројот на пропуштени лица на легалните премини и услов за неки баратели на азил да чекаат одлука за азил во Мексико.
Од ЦБП изјавија дека во моментов во прифатните центри се наоѓаат околу 50.000 возрасни имигранти, најголем број досега.