Создавање повеќе и подобри работни места, особено за младите, како и подобро управување со пазарот на трудот, преку зајакнување на социјалниот дијалог, се двата приоритети во новата Национална програма за достоинствена работа, која во наредните четири години ќе ја спроведуваат Меѓународната организација на трудот (МОТ), Владата, синдикатите и организациите на работодавачите, а беше потпишана денеска во Скопје.
-Новата четиригодишна програма за достоинствена работа е изработена во консултации со Владата и социјалните партнери. Таа претставува јасен патоказ по кој треба да се движиме и да работиме заедно, со цел да се подобри управувањето со пазарот на трудот, креираат достоинствени работни места, да се гарантираат работничките права и да се промовира социјалниот дијалог, како клучни компоненти на економските и социјалните политики, истакна Хајнц Колер, регионален директор на МОТ за Европа и Централна Азија, по потпишувањето на програмата.
Покрај МОТ, програмата ја потпишаа и претставници и другите учесници во социјалниот дијалог, вклучувајќи ги претставниците на организациите на синдикатите, на работодавачите, како и на Владата, со што се обврзаа дека активно ќе соработуваат во нејзината реализација.
-Навистина ми е драго што создадовме една сеопфатна програма, преку која ќе создадеме повеќе и подобри работни места, особено за младите. Преку планираните активности заеднички ќе ги решаваме проблемите со кои се соочуваат институциите, синдикатите, работодавачите и на локално и национално ниво, потенцираше министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Со секое подобрување на социјалниот дијалог меѓу сите чинители, смета таа, сме чекор поблиску до реализирање на крајните цели – отворање повеќе и поквалитетни работни места, обезбедување динамичен економски развој и социјална правда за сите“,
Дополнително, Програмата содржи и активности со чија реализација ќе се обезбеди неопходна поддршка на реформите на политиките и регулативата што се бараат во процесот на пристапување кон ЕУ, особено во однос на преговорите за Поглавјето 19 за вработување и социјални политики, за кои МОТ ја става на располагање својата експертиза и искуство.
За претставникот од Организацијата на работодавачите Ангел Димитров, ова ќе биде патоказ за соработка во прашањето на отворање нови работни места, регулација на пазарот на труд, социјалната сигурност, намалување на сиромаштијата, како и создавање работни места. Сето ова, рече, не е едноставно да се направи, но треба да се искористи експертизата за да се поттурне напред целиот процес.
И претседателот на ССМ Дарко Димовски смета дека оваа програма е чекор напред во оставрувањето на целите во оваа сфера и се надева дека многу скоро со нејзината реализација ќе почнат да се гледаат очекуваните резултати.
Со потпишувањето на новата Програма за достоинствена работа официјално започнува и реализацијата на активностите од проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог” кој се состои од три компоненти. Со првата компонента треба да се подобри функционирањето и ефикасноста на Економско-социјалниот совет (ЕСС) – единствената институција за социјален дијалог на национално ниво помеѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Со тоа треба конкретно да се зголеми учеството на ЕЕС во обликување на регулативата и економско-социјалните реформи.
Втората компонента се фокусира на подобрување на социјалниот дијалог на локално ниво, преку подoбрување на функционирањето на локалните економско-социјални совети формирани во рамки на општините, со што ќе зајакне нивното учество во формулирање и спроведување на локалните политики за вработување, особено на младите. Третата компонента од Проектот треба да им овозможи на синдикатите и на организациите на работодавачи да ги зајакнат сопствените капацитети, да ги подобрат своите услуги и да воведат нови, со што ќе се создадат услови за зголемување на базата на нивни членови и ќе се подобри нивната финансиска одржливост и ефикасност.
Голем дел од целите и задачите на оваа Програма е планирано да бидат реализирани до средината на 2021 година, преку активностите во рамки на проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог”, за што ќе бидат вложени близу 1,2 милиони евра, обезбедени од Европската Унија.Владата и социјалните партнери се обврзаа да го јакнат дијалогот заради подинамичен економски и социјален развој.