Граѓанската организација за родова еднаквост во спортот ТАКТ- Скопје со поддршка на Амбасадата на САД вечер од 19 часот во кино „Фросина” организира бесплатна проекција на филмот „Војна на половите”, кој ја прикажува маестралната победа на тениската легенда Били Џин Кинг во мечот против Боби Ригс.
– Проекцијата е во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на жената 8 Март. Филмот е инспириран од вистинска приказна и го прикажува најгледаниот тениски меч познат како „Војна на половите” кој игра значајна улога во вториот бран на женското движење во 1970-тите години и унапредувањето на правата на жените во тенисот. Филмот наиде на одлична филмска критика. Главните улоги ги толкуваат Ема Стоун и Стив Керел, информира Магдалена Спасовска, извршна директорка на ТАКТ.
По проекцијата на филмот ќе се одржи саем на граѓански организации кои работат во областа на родовата еднаквост, како и други забавно-едукативни активности. Влезот е бесплатен.