Меѓународниот аеродром Скопје денеска доби ASQ награда за квалитет на аеродомски услуги за 2018 година од Меѓународниот совет на аеродроми (Airoport Council International ACI), која го рангираше како еден од најдобрите во Европа во категоријата до два милиона патници годишно, гледано од аспект на искуството на самите патници.
Наградата што Скопскиот аеродром ја добива четврти пат, е добиена во конкуренција на 23 аеродроми во европскиот регион, а од истиот панел се наградени и шпански аеродроми: Алмерија, Џирона, Мелиња и Сарагоса.
ACI ja доделува наградата од Програмата за квалитет на аеродромски услуги со која го мери задоволството на патниците низ 37 клучни индикатори за успешност. Се спроведува од сертифицирани агенти за спроведување анкети со патници додека тие се на аеродромот, преку прашалници за квалитет на аеродормските услуги на ACI.
Според генералниот директор на ТАВ Македонија Алпер Ерсој, наградата ја докажува посветеноста да обезбедат услуги со највисок квалитет на патниците.
– Наградата за квалитет на аеродромски услуги за 2018 година значи дека сме меѓу најдобрите аеродорми во Европа за 2018 година од аспект на искуството на патниците. Ова е четврти пат како го добиваме ова престижно признанеи, кое што претставува репер на глобално ниво за врвноста на услугите кон клиентите, по наградите добиени во 2012, 2013 и 2015, изјави Ерсој.
Меѓународниот аеродром Скопје, потенцираше, е најбрзо растечкиот аеродром со двоцифрена бројка на стапка на пораст во последните години.
– Во 2018 година го достигнавме два милионитиот патник само четири години откако му посакавме добредојде на милионитиот патник во 2014 година. Како аеродром што расте бргу со тоа што додаваме нови дестинации и авиокомпании во нашата мрежа од суштинска важност е да го одржиме задоволството на нашите патници, а исто така и квалитетот на услугите на највисоко можно ниво. Оваа награда ја покажува нашата заложба да обезбедиме најдобар квалитет на услугите за нашите патници и ќе продолжиме да работиме напорно за да го одржиме квалитетот на услуги на највисоко ниво во текот на целиот период додека ја поседуваме концесијата, посочи Ерсој.
Како што најави, нискобуџетната авиокомпанија „Визер”, согласно со новиот договор, во наредниот период ќе воведе по четири нови летови од Скопје и од Охрид. На 19 и 20 март стартува со летови од Баден-Баден односно Бремен до и од Скопскиот аеродром, а во јули од Турку и од Ларника. Се воведуваат и четири летови од Охрид каде од средината на месецив ќе се лета за Малме и Милано, а во јули за Мемингем и за Дортмунд.
Лани преку аеродормите во Скопје и во Охрид беа превезени 2.351.585 патници, што претставува раст од 15 проценти во однос на 2017 година. Бројот на патници, како што информираат од ТАВ Македонија, бележи пораст и од почетокот на годинава. Во првите два месеца од годинава преку двата аеродорма се превезени 305.246 патници, што претставува седум процентен годишен пораст.