Институциите да го поддржат осовременувањето на големите и средните фарми чиј потенцијал за брз раст е најголем. Инвестициите да бидат насочени кон изградба на нови и модерни штали со опрема што ќе ја намали човечката работа и ќе ги подобри условите за живот на добитокот, е препораката од последната анализа на УСАИД, изготвена како Водич за креатори на политики и чинители од секторот млекопроизводство.
Како што стои во Водичот што денеска беше презентиран, во земјава доминираат фармери кои имаат максимум десет или помалку грла добиток, методите на управување и опремата се застарени, од минатиот век. Сопствениците на добиток инвестираат, но повеќето немаат поврат на средствата. Дополнително, проблемите во администрацијата, особено на локално ниво, ја ограничуваат нивната способност за пристап до ИПАРД средствата.
-Македонските фармери не можат да го максимизираат своето производство без унапредување на знаењето со најдобрите методи на сточарство и воведување модерна опрема за млекопроизводство. Модерната машинерија има ограничен ефект се додека начинот на кој со неа управуваат земјоделците и бизнисите се од минатиот век. Всушност, млекопроизводството во земјата е поврзано со традиции и методи кои му припаѓаат на 19 век, е оценката на д-р Шимон Офир, експерт од Агенцијата за меѓународен развој и соработка на Израел (МАШАВ).
Водичот препорачува министерствата за земјоделство и за локална самоуправа да одберат две до три рурални општини како пилот за аплицирање за ИПАРД средства. Ако се покажат успешни, потоа би се примениле во други општини.
-Како да дојдеме до квалитет што ќе ги задоволи европските стандарди, е едно од клучните прашања. Земјава мора да дефинира што е потребно за конкурентно и продуктивно млекопроизводство. Да не чекаме како Бугарија која по приемот во ЕУ затвори многу фарми, рече Џеваир Османи од Здружението на производители и преработувачи на млечни производи „Знак за квалитет”.
Според министерот за земјоделство Љупчо Николовски, земјоделците ги препознаваат бенефитите што можат да ги добијат од европските фондови, а тоа го покажува и последниот повик за инвестиции во реконструкција и изградба на фарми, на кој во јануари и февруари, како што посочи, пристигнаа рекордни 1.090 барања.
-Согласно изнесените препораки, ќе работиме на искористување на ИПАРД средствата за инвестирање во сточарските фарми. Стоиме на располагање, сакаме да ги слушнеме критиките и сугестиите. Очекувам дека овој документ навистина ќе помогне да креираме соодветни мерки и политики, истакна Николовски.
Податоците сублимирани во Водичот велат дека млекопроизводството во нашата земја се карактеризира со екстремна фрагментација. Вкупно 92 отсто од сите земјоделски стопанственици имаат десет или помалку грла добиток. Тие поседуваат 51 процент од целиот крупен добиток во државата, додека останатите 49 отсто се распределени по оние осум проценти големи и средни фарми, на кои треба да се стави фокус во однос на модернизацијата.