Смејте се бидејќи имате работа, смејте се бидејќи и со плата од 300 евра имате 300 отсто повеќе од нула, пишува, меѓу другото, регионална менаџерка на продавница од синџир грчки супермаркети до вработените.
Внатрешеното циркуларно писмо, објавено на социјалните мрежи, предизвика остри и негативни реакции во Грција, бидејќи менаџерката не само што бара вработените да бидат насмеани, туку им посочува неколку причини за тоа, јави дописничката на МИА од Атина.
– Во продолжение на комуникацијата со директорот на нашата компанија, ќе наведам неколку причини за да се смеете, за оние, на кои им е тешко да го сторат тоа:
– Бидејќи имате работа;
– Бидејќи добивате на време плата (за оние кои ќе кажат дека земаат 300 евра, потсетувам дека 300 евра во споредба со нула е 300 проценти повеќе);
– Бидејќи работите во компанија што ги почитува и слуша вашите проблеми;
– Бидејќи компанијата вложи пари за да продолжите да работите;
– Бидејќи сте платени за тоа;
– Бидејќи клиентите на компанијата ви плаќаат и треба за им се заблагодарите со една насмевка;
– Бидејќи имаме толку добри понуди што треба да ги рекламираме, пишува регионалната менаџерка на еден од супермаркетите и додава дека со нетрпение очекува какви ќе бидат резултатите на вработените од таен посетител, кој веројатно ќе треба да даде оценка за нивната работа.
Заменик министерот за труд на Грција, Костас Баркас, говорејќи за грчката државна телевизија ЕРТ рече дека се неприфатливи таквите постапки, како и оти „не треба да се случуваат такви работи” и најави дека ќе се спроведе неопходна контрола.
По реакциите во медиумите, со соопштение излезе и синџирот супермаркети.
– На најкатегоричен начин би сакале да ве известиме дека конкретниот и изолиран инцидент не ги изразува и не се поврзува со културата, философијата и начинот на работа на супермаркетите и 10.700 вработени во компанијата, соопштуваат од супермаркетот.
Преку неговиот Фејсбук профил, дописот на менаџерката до вработените го коментираше еден од главните членови на анархистичката група „Рубикон” и тоа на ист начин и во ист стил како што е напишано во циркуларното писмо. Се обраќа до компанијата и наведува причини зошто повеќе не треба да се смеат.
– Бидејќи вашата работа ќе стане потешка. Бидејќи имате компанија чиј бренд ќе претрпи голем удар. Бидејќи клиентите може ненадејно во продавницата да видат демонстранти. Бидејќи на мета ќе биде лично оној кој го издаде бедното соопштение. Бидејќи ќе имаме толку добри активности во вашата продавница што треба да ги пропагираме. Бидејќи може да добиете шлаканица (за оние што ќе кажат дека шлаканиците се насилство, потсетувам дека шлаканица, во споредба со колци е 100 проценти помалку), пишува еден од главниот член на „Рубикон