Летот од Барбадос до аеродромот „Гетвик“ во Лондон беше пречекан од властите по пристигнувањето во британскиот главен град откако за време на летот патниците и екипажот пријавија дека не се чувствуваат добро.
Службите за вонредни состојби ги пречекаа патниците и екипажот веднаш по слетувањето рано изутринава, соопшти полицијата во Сасекс.
Како мерка на претпазливост, авионот беше ставен во карантин, а сите од авионот беа прегледани од медицински лица, по што сите го продолжија своето патување, додаде полицијата.
Еден од патниците изјави за Си-Ен-Ен дека сите во авионот доаѓале од крстарење, поради што се претпоставува дека болеста ја добиле на бродот. Симптомите главно вклучувале кашлица, најверојатно како резултат на инфекција на дишните патишта.
Од авиокопанијата „Вирџин“ потврдија дека дел од патниците на летот од Барбадос до Лондон не се чувствувале добро и додадоа дека работат со медицинските лица и аеродромот на спроведување на „целосна истрага“ на инцидентот.