Тунева за МИА: Важно е граѓаните да ги препознаваат лажните вести, бидејќи се најподложни на нив

Тунева за МИА: Важно е граѓаните да ги препознаваат лажните вести, бидејќи се најподложни на нив

Лажните вести како глобален феномен се доста присутни и во нашиот медиумски етер, а најмногу ги има на интернет – порталите, вели во интервју за МИА Марина Тунева извршен директор на Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ).

-Еден од најнарушуваните принципи на кодексот на новинарите е член 1. Тоа значи дека новинарите објавувале неточни и непроверени информации, немало втора страна во сторијата и отсуствувале најмалку два меѓусебно неповрзани извори на информации. Според нашите наоди, ова е еден од најпрекршуваните членови, а стапката на прекршување е 60,5 отсто. Донесените одлуки во Советот за етика на медиумите се однесуваат најчесто на прекршувањето на тој член. Ако тоа го поврземе со пласирањето на лажни вести, дезинфомации и едностраното информирање тогаш сосема е јасно дека тие се доста присустни во медиумскиот етер, вели Тунева.

Досега, вели, од постоењето Совет за етика има донесено 290 одлуки. Минатата година донесени се 68 одлуки во кои е прекршен кодексот на новинарите, односно е изречена морална санкција за 38 случаи, а има мал број случаи кои се решени по пат на медијација.

-Инаку, точно е дека тие најмногу се застапени на интернет. Во 76,5 проценти од добиените жалби во СЕММ се однесуваат на интернет-порталите. Информација која што доволно кажува дека она што се случува во он-лајн просторот знае да биде навистина проблематично. Меѓутоа, ако ова го поврземе со фактот дека најбројни се тие медиуми, можеби е условно речено, очекувана ситуација дека он-лајн медиумите ќе го прекршуваат најчесто кодексот. Но, исто така, имаме и така да кажам, дилетанти во професијата кои глумат новинарство, кои се обидуваат да го искористат или злоупотребат медиумот што го имаат на располагање за да работат за нечија агенда, за нечиј интерес, нагласува Тунева.

Според неа, во справувањето со лажните вести, а особено во предизборен период, покрај професионалните медиуми, клучно е пред се, активно, конзистентно и систематично да се работи со граѓаните, особено со помагање на помладата популација да умее да ги распознава матриците и начините на кои се злоупотребуваат медиумите, за да се пласираат, невистини, пропаганда и дезинформации, а се со цел да не подлегнуваат и да не бидат изложени на последиците од таквото невистиното информирање.

-Во крајна линија за време на избори, граѓаните својот избор го потпираат на она што се пласира во медиумите, а ако тие се заведени и контаминирани од информациите кои ги има таму, голема е веројатноста дека ќе направат избор за кој што подоцна ќе жалат. Конечно, и брзината на живеење или наметнувањето на одрдени медиуми ги принудува да се потпираат на она што зрачи од еден медиум, но не и да бидат добри аналитичари и сами да заклучуваат што е она што се случува во етерот, вели Тунева.

Следи целосното интервју со извршната директорка на СЕММ Тунева.

Како да ја препознаеме лажната вест?

-Има многу начини да се препознае лажната вест. Од особено значење е граѓаните да ги имаат тие вештини бидејќи тие се најмногу подложни на лажните вести. Во препознавањето дали станува збор за лажна вест најпрво треба да се види дали сторијата, приказната, темата што се обработува ги содржи сите извори на информации. Тоа не се само два, како што вели теоријата, туку можат да бидат и многу повеќе зависно од темата што се третира. Значи да постои една вистинска селекција на релевантните извори на информации. Недоволно е да се изберат тројца или четворица, кои ќе кажат нешто ако тие и самите пласираат лажни информации, ако нудат една нивна реалност, која не кореспондира со она што е вистинската реалност. Новинарот ја има таа улога да процени каква рамнотежа ќе направи меѓу изворите на информации и како тие ќе ги стави во контекст на темата за која што се зборува. Тоа е еден од начините.

Другиот начин е да се даде вистинската слика за некоја ситуација или проблем за кој што станува збор во самиот текст или во новинарската содржина. Тоа значи дека треба да постои бекграунд или заднински информации што го даваат контекстот на одредено случување, со цел јавноста да може да се вклучи во кое било време во таа дадена сторија, да умее да ја препознае без разлика што можеби од претходно не поседува информации во врска со таа дадена тема.

Понатаму треба да се види во текстот дека постои дистанца на новинарот од она што го пласира како информација, вест, извештај, без разлика на жанрот. Треба да се препознае дека самиот тој умее да се дистанцира од она што го третира како проблем, бидејќи во спротивно, ако настапува субјективно, тоа значи обојување на самата тема.

Има многу начини да се препознаат лажните информации, но она што е најважно е да се следи, да се прави анализа меѓу начините на кои информираат различните медиуми за иста тема. Неретко како публика сме ставени во една незавидна ситуација самите да си ја креираме вистината врз основа на што го добиваме како информација од медиумите, бидејќи со опадната доверба во медиумската работа, односно во медиумското известување граѓаните и јавноста, впрочем, се принудени на тоа самите да трагаат по вистината.

Како да се превенираат лажните вести?

-И за ова има повеќе начини како да се постигне. Една група професори од Харвард направиле едно истражување и тие самите велат дека еден од начините да и се помогне на јавноста и на граѓаните е да се создаде т.н. когнитивен репертоар на значења, односно граѓаните самите да може да поседуваат информации врз основа на кои тие ќе умеат да проценат дали содржината е вистинска или не. А како може да им се помогне? Може да им помогнат медиумите што се определиле да работат професионално и согласно нормите на професијата. Самите професионални медиуми може да ги осуетат обидите на т.н. пропагандистички медиуми и на оние кои што се обидуваат да пласираат информации кои што се невистинити, пристрасни, необјективни итн.

Другиот начин е  спроведување на она што се нарекува медиумска писменост, описменување или спознавање на техниките што ги користат оние кои што пласираат субјективни информации. За жал, не секогаш и можеме да ги наречеме новинари тие кои што работат на таков начин. Тие се некои кои се декларираат самите себе дека припаѓаат на професијата, но кога веќе го применуваат како пристап субјективното гледање на нештата, тие не се новинари, не се носители на таа професија.Секој кој е носител на професијата треба да знае дека тука мора да се почитуваат и нормите и стандардите на новинарското известување.

Колку се присутни лажните вести кај нас во медиумскиот простор и на социјалните медиуми?

-За ова можам да зборувам од агол на она што го има како податок Советот за етика во медиумите на Македонија. Ние врз основа на нашите анализи кои што ги направивме за минатата 2018 година, утврдивме дека еден од најнарушуваните принципи на кодексот на новинарите е член 1. Тоа значи дека новинарите објавувале неточни и непроверени информации, немало втора страна во сторијата и отсуствувале најмалку два меѓусебно неповрзани извори на информации. Според нашите наоди, ова е еден од најпрекршуваните членови, 60,5 отсто е стапката на прекршување. Значи донесените одлуки во Советот за етика на медиумите се однесуваат најчесто на прекршувањето на тој член. Ако тоа го поврземе со пласирањето на лажни вести, дезинфомации и едностарното информирање тогаш сосема е јасно дека тие се доста присустни во медиумскиот етер. Значи ако новинарот не ги почитува овие правила, не обезбедува точни и проверени информации, нема повеќе извори на информации, тогаш апсолутно е јасно дека таа вест или информација води кон дезинформирање или лажење на јавноста.

Досега од постоењето Совет за етика има донесено 290 одлуки. Минатата година донесени се 68 одлуки во кои е прекршен кодексот на новинарите, односно е изречена морална санкција за 38 случаи, а има мал број случаи што се решени по пат на медијација. Се уште треба да се работи на тоа да се поттикнат медиумите да се вклучат во процесот на медијација што значи, пред се, корегирање на грешките, има многу поблаги и посоработливи начини за тоа како медиумите самите да ги корегираат своите грешки. Не секогаш се има намера за да се пласира лажна информација. Некогаш е брзината на работење, некогаш е пристисокот што се создава поради постоење на повеќе настани или новинарите имаат обврска,се нема доволно фокус и сл. Гледаме колку е се ова поврзано во еден магичен круг на создавање на невистината каде што од брзање, од недоволно извори на информации, од избирање на пристрасни извори на информации, навивачко новинарство се случува онаа дезинформација или лажна вест.

Инаку, точно е дека тие најмногу се застапени на интернет. Ние имаме информација дека во 76,5 проценти од добиените жалби во СЕММ се однесуваат на интернет порталите. Информација што доволно кажува дека она што се случува во он-лајн просторот знае да биде навистина проблематично. Меѓутоа, ако ова го поврземе со фактот дека најбројни се тие медиуми, можеби е условно речено, очекувана ситуација дека он-лајн медиумите ќе го прекршуваат најчесто кодексот. Но, исто така, имаме и така да кажам, дилетанти во професијата кои глумат новинарство, кои се обидуваат да го искористат или злоупотребат медиумот што го имаат на располагање за да работат за нечија агенда, за нечиј интерес.

На ова се надоврзува следното прашање кој ги продуцира лажните вести?

-Не постои конечен одговор на ова прашање. Јас би рекла постојат повеќе одговори во смисла на тоа дека таквите вести може да произлезат прво од оние кои „бескомпромисно се борат” да добијат што поголемо внимание во медиумскиот етер во смисла на економска придобивка од тоа, генерирање кликови, заработувачка и сл. Значи има некои кои се во онаа најнегативна смисла на зборот „бескомпромисни борци” за да пласираат содржини кои ќе предизвикаат внимание кај јавноста. И тука многу често се греши со тоа што се фаворизираат можеби одредени агенди, или новинарот односно тој што ја пласира содржината одработува за некого, за некој центар на моќ или она што се користи често како пристап – сензационалистичкото известување се со цел да се привлечат граѓаните кон она што е наше информирање, а не информирање на другите. И за жал, многу често се случува да се генерира поддршка од граѓаните кои што не умеат да препознаат дека тоа може да биде апсолутна манипулација и пропаганда или лажна вест само поради тоа што содржината се повторува често, е сензационалистичка, се тврди дека прв се известува од некоја ситуација и тука се случуваат најголемиот број од грешките.

Значи, тоа се оние кои се обидуваат да извлечат некакви економски придобивки, заработувачка со генерирање на кликови или со привлекување на што повеќе граѓани и јавност да го следат тој медиум, до оние што одработуваат за нечија агенда или се поврзани со одредени центри на моќ било тоа да се бизнисмени, политичари итн. За жал се јавуваат и такви ликови кои нанесуваат огромни штети во новинарството или пак, тоа е последица на наивна грешка со преземање на содржини што не се проверени од сајтови во други држави. Сме имале и такви примери кога новинарите сметаат дека своето го завршиле со тоа што содржината ја презеле од некој друг медиум, но не ја провериле и не се свесни каква е последицата кога тоа тука ќе се пласира како информација независно што е нешто надвор од границите на оваа држава. Истото тоа, особено кога се работи за некакви трагедии, работи кои знаат да ја испаничат јавноста и да ја уплашат, исто како што може да е проблем таму, така е проблем и тука, ако сме особено блиску. На пример ако е нешто пласирано како сторија во регионот во соседна држава, заканите се прелеваат и овде.

Во контекст на претстојните претседателски избори, а со цел справување на евентуален наплив од лажни вести дали е потребно институционално или вонинституционално да се воспостави некакво тело кое ќе реагира на пласирањето лажни вести и тие да не влијаат врз изборите?

-Ние за жал, многу често за реформите што се потребни во новинарството и во медиумската сфера зборуваме кога има определени поводи. Тие поводи кај нас неретко се изборите и секогаш се размислува поводно што да се направи неколку дена или неколку месеци пред изборите се со цел да се превенираат одредени работи и без разлика на тоа колку чекори биле превземени, за жал, трендовите се повторуваат. Значи трендовите на сензационалистички вести, пристрасни вести, дезинформации и пропаганда продолжуваат да опстојуваат во медиумскиот етер. Јас би се навратила кон она што се одговорности на колегите новинари, на медиумите, почитување на кодексот, на етичката рамка, почитување на законските обврски што се дефинирани на радиодифузните медиуми особено. Ако се придржуваме на тоа и ако функционираат законите и се имплементираат тогаш ние немаме потреба од тоа поводно да осмислуваме механизми, институции, вонредно тело кое ќе ги следи медиумите. Ако тоа тело е создадено или еве и условно да постои само за време на изборите и пред изборите, по изборите би требало да се распадне, а состојбите продолжуваат и по изборите, само интензитетот е различен. Секој треба да се фокусира на она што е негова надлежност, домен и мисија на работење.

Секако, има обиди кои се поврзани со пласирањето на информации, следење на информации на социјалните мрежи, цензурирање на одредени работи што значат говор на омраза итн. Тие ги презеле демократските општества, но ги презеле бидејќи добар дел од нештата функционираат таму, функционираат законите и тие отишле чекор понатаму. Се уште е рано ние да размислуваме во насока на тоа како да правиме надградба, кога базата не функционира. Базата во смисла на почитување на стандардите на професијата, не се спроведувал законот кога постоела дискриминација или говор на омраза во медиумите, не реагирале на тоа со години институциите, туку го подзаборавале тој проблем, не го третирале како примарен, останале работите под тепих и потоа состојбите продолжуваат. Кога некој ќе види дека после примена на говор на омраза или без да води сметка за последиците од неговото работење а нема казна, од професијата или од јавноста, тогаш тој ќе продолжи со истото.

Во делот на интернет просторот, ние како Совет за етика во медиумите учествуваме во дебатата што да се прави со интернетот оти жалбите се однесуваат токму на овој семент. Но, анализата и резултатите од бројните истражувања, а особено практиките во современите демократски општества покажуваат дека интернет просторот треба да остане слободен, бидејќи слободата на информирање е од исклучително големо важност. Ако се преземат мерки да се регулираат интернет порталите тоа можеби ќе значи создавање услови на злоупотреба од страна на државата и власта во иднина, во перспектива. Никогаш не знаеме како таа законска одредба може еден ден да биде злоупотребена. Значи, Он лајн медиумите треба да бидат оставени да функционираат слободно, меѓутоа она што е од исклучително големо значење е тие да се придржуваат на професионланите стандарди.

Ние како СЕММ излеговме со листа на принципи и стандарди што треба да ги почитуваат медиумите за да влезат во саморегулативното тело. Тоа значи дека меѓу другото, треба да имаат автори на содржините кои ги пласираат, да се знае кој е креаторот на содржината, да се знае импресумот, кој е сопственик на тој медиум, а кој уредник и кои се новинарите кои работат таму. Ние неретко имаме ситуација да добиваме жалби за интернет портали кои не може да ги лоцираме, дали воопшто постојат или се фантомски интернет портали. Немаме е-маил, немаме адреса каде може да им се обратиме дека стигнала некоја жалба. Понатаму има и други услови да бидат регистрирани или како здружение на граѓани или како правно лице, како медиум, значи да имаат одговорности пред законот, да се знае дека функционираат по прописите, дека имаат објавено ценовници за рекламирање. Значи има повеќе работи кои се значајни овде и ако тие се почитуваат тогаш интернет порталите може да бидат дел од ова саморегулативно смејство, но и јавноста ќе знае со кого си има работа.

Што останува најважно како заклучок за справување со лажните вести?

-Посебно важно е дека мора активно, конзистентно и систематично да се работи со граѓаните, особено со помагање на помладата популација да умее да ги распознава матриците и начините на кои се злоупотребуваат медиумите, за да се пласираат, невистини, пропаганда и дезинформации, а се со цел да не подлегнуваат и да не бидат изложени на последиците од таквото невистиното информирање. Во крајна линија за време на избори, граѓаните својот избор го потпираат на она што се пласира во медиумите, а ако тие се заведени и контаминирани од информациите кои ги има таму, голема е веројатноста дека ќе направат избор за кој што подоцна ќе жалат. Конечно, и брзината на живеење или наметнувањето на одрдени медиуми ги принудува да се потпираат на она што зрачи од еден медиум, но не и да бидат добри аналитичари и сами да заклучуваат што е она што се случува во етерот.

Значи, треба да ги опремиме сите ние заеднички, оти нема само еден актер кој може да го помогне овој процес. Може Советот за етика во медиумите од агол на саморегулацијата, односно препознавање на овој механизам што го нуди саморегулацијата со поднесување на жалби до Советот на етика за невистинити информации. Така си помагаат самите себеси, но и на јавноста да знае каде се случил проблемот.

Жалба до Советот за етика во медиумите може да поднесе секој, секој граѓанин, правно, физичко лице, институции, меѓународни организации. Работа е на Комисијата за жалби како стручно тело во рамки на Советот да процени дали содржината е непрофесионална, неетична, или не. Понекогаш жалителите ни пристапуваат со една причина, а ќе се утврдат 10 поводи за прекршување на кодексот.

Надлежности во делот на радиодифузните медиуми има Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Помош доаѓа и од невладиниот и граѓанскиот сектор кои ги помагаат граѓаните во едукацијата за препознавањето на лажните вести, за нарушувањето на човекови права, кое се случува и во време на избори.

Така што саморегулацијата не е единствениот лек што може да помогне во решавање на состојбите. Вкрстено треба да се реагира од страна на сите кои имаат надлежности, а професионалните медиуми најмногу можат да помогнат со професионална обработка на теми од јавен интерес и осуетување на обидите на други медиуми што дезинформираат, како и со нивно директно посочување. Одговорноста не треба да ја префрлуваме на друг или трет, туку треба самите да направиме што можеме./МИА

Треба да знаете
Последни објави