На градовите Македонски Брод и Македонска Каменица нема да им се менува името, а нема да има промени ниту во химната. Што се однесува до Македонската академија за наука и уметности (МАНУ), се водат разговори со академиците и кога ќе имаат информации ќе бидат соопштени, информираше владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
„Три принципи се употребени при промената на имињата на називите. Секаде каде во името се содржел зборот Република Македонија или Македонија сега е заменоето со Република Северна Македонија. Принципот на замена на придавката македонски/ка на оние институции кои се од национален, државен карактер се менува со национален/на. Придавката македонски/ка се употребува секогаш кога е поврзана со културен етнички идентитет на пример македонски народ, македонски јазик, македонска литература, македонска историја, македонско кирилично писмо“, рече Бошњаковски. Десетици институции ќе добијат нови имиња, табли, логоа, веб-страници и документи по промената на државното име. Според упатствата на Владата, Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија Скопје ќе треба да го промени називот во Јавно радиодифузно претпријатие Национална радио-телевизија Скопје, Националната установа Македонска филхармонија ќе стане Национална филхармонија, Македонска радиодифузија ќе се применува во Национална радиодифузија, а Македонската опера и балет во Национална опера и балет.