Во Центарот за култура „Ацо Шопов” во Штип денеска беше отворена изложба „Љубовта мириса на пролет” со слики од седум роднокрајни автори.
Драган Ристов, еден од авторите, истакна дека темата на нивните дела е природата и љубовта. -Се претставувам со три цртежи, како и сите мои колеги, автори на оваа изложба. Сакаме да го разубавиме денот на жената, затоа и реков дека мотивот е љубовта и природата, рече Ристов.
-Некогаш времето ми го одземаше новинарството, но сега го заменив со сликарството. Задоволна сум што имаме подмладок, што со нас е и првата дипломка на Академијата за ликовни уметности, рече Нада Накова, која по пензирањето како новинар, сега се пронајде во сликарството.
Покрај нивните, на изложбата беа претставени и дела на Лена Ѓуриќ, Стојан Трниниќ-Нанче, Голуба Хилјадникова, Борче Минов и Сара Петров.
Во галеријата „Безистен” во Штип, пак, беше отворена и изложба на која се преставуваат 21 жена-уметница, посветена на бегалската криза.
Оваа изложба досега ја имаат видено жителите на четири града, а следната дестинација е Гевгелија. Дел е од проектот на Здружението на млади правници, со финансиска поддршка од УСАИД.
Покрај двете изложби, во Штип денеска беше промовиран и романот „Боцкаво лето” на Даница Фичорска, која за граѓаните од Истокот е позната како врвен спицијалист по физикална терапија во „Кежовица”.
„Боцкаво лето” е нејзин втор роман. На промоцијата таа истакна дека во романот пишува за една баба со своите внуци, кои секое лето ја посетуваат, но наесен си заминуваат. Посочи дека романот говори за миграцијата на младите, што е и доста актуелна тема.