Министерот задолжен за регулатива за подобрување инвестициска клима за домашни претпријатија Зоран Шапуриќ ја посети компанијата Актива, која се наоѓа во Штип, каде во разговор со менаџментот министерот Шапуриќ беше запознаен со производната програма на компанијата. Таа во моментов има околу 500 вработени од кои над 30 инженери. Во рамки на своето 19-годишно постоење, компанијата има постигнато обрт од околу 30 милиони евра годишно, од кои околу 70 отсто се остварува од извоз.
-Посебно е значајно што Актива произведува делови за финални производи за странските инвеститори, од кои најзначајна е компанијата Ван Хол. Оваа компанија успева да ги исполни високите стандарди кои ги бараат странските инвеститори, па така испорачува не само производи за Ван Хол овде во Република Северна Македонија, туку и во Белгија и други земји каде што има производствени погони. Покрај ова, компанијата извезува производи и за други познати компании како Федекс, Фаст Глобал Солушан…, се вели во соопштението од кабинетот на министерот Шапуриќ.
Менаџментот на Актива го запознал министерот дека во изминатата година имаат значајни инвестиции во опрема, хали и инфраструктура и дека во целост ги исполнуваат условите по Законот за финансиска поддршка на инвестициите, бидејќи имаат континуиран раст, како и зголемен број вработени. Исто така менаџментот на компанијата најавил дека наскоро ќе поднесат апликација за добивање на финансиска поддршка.
Министерот Шапуриќ ги презентирал мерките за финансиска поддршка, и изразил задоволство што мерките за економски раст наишле на заинтересираност кај домашните компании, што, како што се вели во соопштението, е и целта на нивното постоење.
Шапуриќ истакнал дека очекува со ваквата поддршката, која произлегува од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, компаниите да растат и се развиваат, а со нив правопропорционално и нашата економија.