Во салата на Советот на Општина Битола се одржа јавен настан на тема „Народниот правобранител и локалната власт: Подобра соработка за поголема заштита на правата на граѓаните“, на кој говореа Народниот правобранител Иџет Мемети, битолската градоначалничка Наташа Петровска и Лилјана Илиевска од Регионалната канцеларија на Народниот правобранител во Битола.
Како што информираат од општина Битола, главниот фокус на оваа дискусија била улогата на Народниот правобранител како клучна институција во заштита на правата на граѓаните, како и начините за подобрување на соработката на локалните власти, државните и јавните институци на локално ниво, со Народниот правобранител.
„На мое задоволство ја имавме оваа средба со Народниот правобранител и претставници од општинската администрација, јавните претпријатија, претставници од училиштата, советници и граѓани, со што се воспостави дијалог во функција на граѓаните и создавање на еден коректив кој што може да го направи Народниот правобранител за генерално подобрување на тоа како функционираат институциите во нашата држава, затоа што тие реално постојат за водење на добри јавни политики и да бидат во функција на граѓаните. Се надевам дека оваа средба е само почеток на мотивирање за подобрување на состојбите во оваа насока“, истакнала градоначалничката Петровска.
Народниот правобранител Мемети го оценил јавниот настан како многу успешен, затоа што, како што истакнал, мора да се разговара, дискутира и што почесто да се реализираат средби од отворен вид и за институциите и за граѓаните.
„Институцијата Народен правобранител постои веќе 20 години, а мал дел од граѓаните знаат која е нејзината вистинска функција. Од околу 4000 претставки на годишно ниво, само по околу 1000-1200 од нив може да постапува Народниот правобранител. Во последните две години забележлива е зголемената соработка на централната и локалната власт со Народниот правобранител, иако има уште простор за подобрување на взаемната соработка“, посочил Мемети.
Од општина Битола информираат дека во изминатата 2018 година, во Регионалната канцеларија на Народниот правобранител во Битола, која постапува на територијата на југозападна Македонија и покрива 15 општини, поднесени биле вкупно 367 претставки од граѓани.