Британската влада објави дека во вторник, во долниот дом на Парламентот, ќе се одржи второто гласање за договорот за брегзит постигнат со Брисел. Ова го соошти министерката за парламентарни прашања, Андреа Лидс.
Доколку договорот повторно биде отфрлен, премиерката Тереза Меј во текот на истата недела ќе допушти гласање за тоа дали Британија треба да излезе од ЕУ без договор или брегзитот треба да се одложи.
Меј претходно рече дека овие гласања, најверојатно, би се одржале в среда и четврток.
Излегувањето на Британија од ЕУ беше закажано за 29 март. Сепак, аналитичарите очекуваат во вторник договорот повторно да биде одбиен од страна на Парламентот. Засега не е познато дали Меј ќе им даде и трета шанса на пратениците.