Несигурност, збунетост и многу прашања, отвори кај бизнис заедницата законот за заштита на личните податоци кој сé уште не е донесен. Голем дел од фирмите речиси вооошто не се запознаени со чекорите што треба да ги преземат од аспект на имплементацијата. Истовремено стравуваат од предвидените високи казни при евентуално неисполнување на обврските.
Според експертите, спроведувањето на законот за фирмите ќе значи дополнителни оптоварувања и трошоци. Плус проблем е и идејата за брза имплементација во период од две години.
Со законот ќе бидат опфатени компаниите од сите сектори, не само ИКТ, вклучувајќи ги микро, малите, средните, големите и макро претпријатијата.
– Овој прцес ќе зафати многу поголем сет организации од кои, сигурен сум, голем дел се многу малку запознаени за последиците од примената на оваа регулатива. Дали фирмите се подготвени за период од две години реално да ја имплементират регулативата, но дали и државата е подготвена да го одработи својот дел, рече консултантот Љубомир Димовски денешната инфо-сесија што ја организира Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ).
Александра Чавдаревска од МАСИТ укажа се потребни повеќе подготовки, соодветни софтвери и обуки на лица за секоја фирма да се износи со наметнатите одговорности кои сега се видоизменети и позатегнати. Тука, оцени, се најголемите проблеми.
-Првичната оценка на бизнис секторот е голема збунетост, несигурност и многу прашања во врска со спроведувањето и имплементацијата на оваа регулатива. Како ИКТ сектор донекаде сме подготвени да го преземеме ризикот од нејзино почитување, но мора и останатиот дел од бзинис заедницата да биде подготвена за овој чекор. Потребни се повеќе подготовки, соодветни софтвери, обуки на лица во секоја фирма за да се носат со наметнатите одговорности кои сега се видоизменети и позатегнати, истакна Чавдаревска.
Надлежните уверуваат дека администрацијата е добро запознаена со законот и е подготвена да го спроведе. Како што напомена Игор Кузевски, генерален секретар на Дирекцијата за заштита на личните податоци, особено се подготвени инспекциските служби кои ќе вршат супервизија во однос на почитувањето на одредбите од страна на компаниите.
-Да не го гледаме законот низ призма на „пеналење”. Со супервизискиот надзор ќе се настојува да се минимизира најслабата карика во информациската сигурност, процесите да се случуваат што е можно по автоматизирано, да се обезбеди прифатлив, најминимален ризик кога станува збор за обработка на личните податоци за да не се случуваат пенетрација во приватноста и евентуални злоупотреби, посочи Кузевски.
Примената на оваа регулатива, додаде, ќе значи огромен предизвик и револуционерен исчекор напред зашто ако се случи злоупотреба на приватноста или на личните податоци, не е важно дали сте граѓнин на ЕУ или не.
Законот за заштита на личните податоци се изготвуваше во 2017 година во консулатација и со бизнис секторот. Моментно е во Министерството за правда и наскоро треба да се пушти во владина и собраниска процедура. По усвојувањето ќе треба да се донесат уште 30 подзаконски акти.
Во Европската Унија овој Закон е усвоен во мај 2016 година, но утврден беше преоден режим од две години, поради што почна да се имплементира од мај лани