Канцеларијата за печат при Светиот Престол во Ватикан, денеска ја објави програмата за посетата на Папата Франциск во земјава, при што ќе го посети Скопје, родниот град на Света Мајка Тереза.
Предвидено е на 7 мај наутро Светиот Отец да пристигне во Скопје. После официјалниот пречек, неговата Светост, Папата Франциск ќе се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, со премиерот Зоран Заев, како и со претставници на граѓанското општество и дипломатскиот кор.
За време на својот престој во земјава, Светиот Отец ќе се сретне со верските лидери и со сиромашни лица.
Во програмата за апостолското патување на Папата Франциск во земјава предвидено е Светиот Отец да служи света Литургија, а потоа да присуствува на екуменска и меѓурелигиска средба со млади. Светиот Отец, своето 29-то апостолско патување ќе го заврши во попладневните часови на 7 мај, одржувајќи средба со свештениците, нивните семејства и богопосветените лица, а потоа ќе се врати во Рим.
Претходно Светиот Отец ќе ја посети Република Бугарија и градовите Софија и Раковски.